Стварноста не може лесно да се изрази ниту кога се во прашање многу прости анализи на ситуации. Како тогаш да се мерат постигнувањата, посебно владините, ако ги има? Дали е квантитетот пресуден? Како да се претстави интенцијата на владата на линија: констатирана болка – зададен лек и како изгледа „оздравувањето“? Тепани волци сме ние Македонците, па, прашањата сами доаѓаат. Така, ние уште го паметиме простачкото: „ами во ваше време?“.
Сега ни се чини несомнен хаосот, кој ВМРО – ДПМНЕ го остави, но, ако се парира со прашањето „до кога ќе се правдаме со поранешните“, имаме проблем. Тој што дошол на власт требало да знае, да има смислено лек, да ги има „лекарите“, инаку не е квалификуван да владее. Сфативте, ние не сме дораснати за реализација на ваквата задача, посебно после вемерето. Ние сеуште пробуваме да го расплеткаме ова кородирано клопче жица, додека вемерето пробува да го дозаплетка, со своите кадри, кои сега Заев ги „раководи“, со песна на усните: „Дали си мина или детелинка“.
Недостатокот на политичка воља и школувани и современи административци е само втората страна на паричката. Администрацијата не сака промени, а не дај Боже, проценка на нивната работа. Така, останува валканиот патос на „верба во“, која не нѐ лаже само нас граѓаните, туку и самите владетели.
Политичарите, иако точно знаат дека е така, нема да пробаат да направат промени во администрацијата, туку ќе ја искористат за да го зацврстат секој аспект од нивната незаконска (покрај законската) моќ. Тоа е формата на владеење, за која сме способни. Со искрени реформи не започнуваме, затоа што е тоа мошне опасно и ќе ја разголи мрзливата, неука и криминална македонска душа. Останува да пимпламе со рефоромски планови, во кои „пржиме јајца – без да ги скршиме“, напикувајќи се во задничињата на сите побројни категории гласачи, а административците се и гласачи, нели?
Зошто не можеме да изградиме никаков јавен консензус за нашата иднина?
Вистинската причина за тоа е нашиот (скоро) верски фатализам, раскошно потврден од политиката и универзитетскиот живот – таму посебно. Тоа е операционализирано во нашето искрено и длабоко убедување дека „ако не те полазе туѓа вошка, нема богатење“, кое не е само народна изрека, туку е поврзано со големината на криминалниот колач, за кој видовме дека една наша партија ја направи најбогата во цела Европа. Заради тоа, соочени сме со неможност од појава на нови политички лидери и партии, што е ограничено од ненормално високиот „праг на политичка промоција“, кој произлегува од донтоновиот изборен модел. Очи да им вадиш на големите партии нема да сакаат да го сменат. Тука имаме неподелен консензус помеѓу нив. Професорите се многу свесни за тоа. И тие имаат деца за гледање, барем додека ги удомат за професори, а очите им се навикнати на сите видови солзавец, па не плачат повеќе.
Ајде поинаку, да не излезе писаниево чиста теорија.
Не можам да им верувам на тврдењата и заложбите на тие две стотини интелектуалци, посебно што, повеќето припаѓаат на професорската фела и мислам дека тие не говорат за доброто на државата, туку авансираат за „туѓата вошка, кога вемерето ќе се врати“. Немам друго објаснување. Да имаше такво, поинаква декларација ќе составеа.
Жалам што во тој список видов и едно врвно име, за кое останатите се „многу лошо друштво“, посебно заради минуциозната намера на „декларацијата“ политички да жигосува, а не фактографски да сензибилизира и да поставува некаква визија, што ја прави памфлет, а не документ на загриженоста. Не верувам дека се професорите толку неписмени тоа да не го видат. Останува намерата. Тоа е одговорот. Заради што да се трудиш, да ги вложиш сите напори и да останеш надвор од политичката игра, кога етикетата ќе ти биде залепена и вака и онака, плус, нема да заработиш? Подобро е „да играш“ на заборавноста на народот и да глумиш невиност, оти, кој ќе се сети и напише за сите 200 потписници, како биле „мажени“ за минатата власт? Што ќе прават „дечињата“ од Заев? Ќе објават „контра – декларација“? Ќе побараат потписници од професорите, кои допрва мислат да се офајдат? Ќе порачаат нови скулптури?
Тие имиња (освен споменатата професорка) ги немаше никаде на барикадите на демократијата, не само последните 3, туку цели 17 години. Што бараат сега „да се грижат“? Латините имаат изрека: „Аргументи од паричникот“. Тоа е тоа.
Нека направат декларација да се укине донтовиот модел, одма потпишувам, иако не сум ниту професор, ниту уметник, ниту сум дијаспорец, но, тоа нема да се случи, оти и нив Донт им е мил, како и на сите, кои живеат од „полазување“. Без него, позитивната селекција ќе ги издува и нив и нивните мецени и ќе ги устоличи типовите и типките, кои не се на ниту еден список. Опасни се тие девојки и момци, но за среќа на политикантите, си одат во странство, оти имаат само една младост и не им е за фрлање. Тие, „преголемата грижа за Македонија“, не можат да ја издржат.
Повторно: Како да ги мериме реформите? Преку „грижа“ на овие професориве енд компани? Преку владините портпароли? Во тие два случаи, не нѝ гине сижето од „Алиса во земјата на чудата“?
Ете, тоа е тешкото за одговор, посебно во ваква констелација на работите, а за вакви и случни „декларации“ – кого го заболе. Тие можат да звучат како Орданоски, Дерала и Милчин, но не сѐ ниту во иста галаксија со нив. Да немавме по некој од овие докажани „кавгаџии“ и кога едните и кога другите се на власт, немаше да знаеме што се реформи, а за поимите како „отчетност“, „транспарентност“, „обврска на властите“…, ќе мислевме дека се од небо паднати, а не дека споменативе ги вовеле, како јавен дискурс. Тие не пишуваат со гумичка за бришење.
Клетиот Милчин, кој сеуште, заради неговиот вечен бунтовнички пубертет, го викаме Владе, никако „да порасне“, што е добра вест за демократијата. Кога „малиот“ се буни, нешто навистина не е во ред. И не е – Заев самиот кажа. Дури и да не се согласам со него (најчесто и не се согласувам), ми влева надеж дека и кај нас има професори, на кои аргументите не им доаѓаат од паричникот, па, реформите нема да бидат заборавени, ниту одглумени.
Ете, можело и без „200 спартанци од паричникот“, пардон, 200 потписници, кои не кренаа толку прашина во јавноста, колку „непораснатите“ професори, пубертетски – секој за себе, кои објаснија дека реформите, сепак, се на прво место, без подметнувања и замена на тези, како во памфлетот на загрижените (за себе) интелектуалци.