Зошто никој не се буни кога во законите се БАРА познавање англиски, француски или германски јазик?

Најапсурдно од сè, во „забелешките “ на Иванов стои дека употребата на изразот „албански јазик“ не била во согласност со Уставот, иако самиот Иванов има потпишано низа закони во кои се бара познавање на „англискиот јазик“!

920

Почитувани сограѓани и сограѓанки,

Навистина нема потреба да ми се лутите мене во врска со легислативата за употреба на јазиците во Република Македонија, да ме навредувате со секакви зборови, или да се заканувате (што е кривично дело), од следниве причини:

  1. Јас не сум потписник на Охридскиот рамковен договор во август 2001, туку двајца претставници на ВМРО-ДПМНЕ (едниот претседател на држава), еден претставник на СДСМ, еден на ПДП и еден на ДПА. Токму ТИЕ, а не јас, потпишаа дека „кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, исто така, е службен јазик, како што е овде образложено“. ТИЕ, а не јас, се договорија „во органите на Република Македонија, кој било службен јазик различен од македонскиот може да се употребува во согласност со законот“.
  2. Јас не сум гласал за промена на Уставот и за прогласување на амандманот V, туку 94 пратеници во Собранието во ноември 2001. ТИЕ 94 пратеници од сите партии, а не јас изгласаа дека „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“ и дека „во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон“.
  3. Јас не сум гласал во 2008 година за таков закон – „Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“, туку 75 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и други, без ниту еден воздржан и против, и без никаква расправа. ТИЕ 75 пратеници, а не јас, утврдија дека „јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија се употребува во Собранието на Република Македонија; комуникација на граѓаните со министерствата, судските постапки; управната постапка; извршување санкции; народен правобранител; изборниот процес; при непосредно изјаснување на граѓаните; при издавањето на личните документи на граѓаните; при водењето на матичната евиденција; примена на полициски овластувања; во радиодифузната дејност; инфраструктурни објекти; локалната самоуправа; финансиите; економијата; образованието и науката; културата и во други области и институции согласно со овој закон“.
  4. Јас не сум гласал во 2011 година за измени во тој закон, за „пратеник, избран или именуван функционер од Собранието на Република Македонија, кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија, може на седница на Собранието и на седница на работното тело да зборува на тој јазик“. За овие измени гласаа пратеници од парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а без проблем ги потпишаа Трајко Велјановски и Ѓорге Иванов како претседатели на Собранието и на државата.
  5. Јас не сум изработувал владин документ што беше промовиран од потпретседателот на Владата на Никола Груевски, Муса Џафери на 29.9.2015, во кој има конкретни препораки за усвојување на „нов сеопфатен закон за употреба на јазиците“ и „да им се дозволи на сите граѓани да се обраќаат на централните институции на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија, без оглед на нивното место на живеење…“. Тоа го правеше потпретседателот на Владата на Никола Груевски.
  6. Јас не сум гласал ни во 2018 година за Законот за употреба на јазиците, ниту сум учествувал во неговата подготовка, туку тој закон е дело на пратеници на новото парламентарно мнозинство од СДСМ и ДУИ. Сите непрецизности и грешки во законот се одговорност на тие што го гласале, и апсолутно имате право од НИВ да барате објаснување и одговорност за тоа што го гласале и начинот на кој го гласале. Сепак, кога упатувате критички забелешки за употребата на јазиците во Република Македонија, неопходно е да ја имате предвид горенаведената историја, за да не правите грешки да им припишувате на сегашните пратеници одговорност за нешто што претходно го изгласале други пратеници (или на сегашнава влада да и приговарате за ставови што ги застапувале и високи претставници на претходната влада).
  7. Јас не сум гласал ни за Ѓорге Иванов, кој грубо ја злоупотреби својата службена положба, за да шири дезинформации во јавноста, и да поттикнува дискриминација, во врска со законската употреба на јазиците во Република Македонија. Имено, Ѓорге Иванов без проблем ги потпиша измените на Законот изгласани од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а многу од неговите „правни“ забелешки на постојниов закон, се однесуваат и на претходниот закон донесен во 2008 и изменет во 2011 година. Најапсурдно од сè, во „забелешките“ на Иванов стои дека употребата на изразот „албански јазик“ не била во согласност со Уставот, иако самиот Иванов има потпишано низа закони во кои се бара познавање на „англискиот јазик“! Како е можно на Иванов да не му пречи да потпишува закони во кои се БАРА познавање англиски јазик, француски или германски јазик (кои не се спомнати во Уставот), а приговара за употреба на изразот „албански јазик“ (чие познавање не се бара)?

Навистина, луѓе, еве и вас ве прашувам – како ни Иванов, ни никој од вас не се побуни што во изгласаните закони се БАРА познавање англиски јазик, или „еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски)“, а се буните за употребата на мајчин јазик на ваши сограѓани, кој е уставно прогласен за службен јазик – а чие познавање не се бара?

Зошто никој од „македонистите“ не се побуни дека се загрозува македонскиот јазик и идентитет со законите во кои се БАРА познавање англиски јазик, или „на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски)“?

П.С. Двојазичниов документ од 1947 (за завршен учителски курс) е одлична илустрација колку сме забегале во 1997, а колку забегуваме и сега 21 година подоцна.

 

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...