Сакаме да се постигне решение за името до самитот на НАТО. Се надеваме дека двете страни тоа ќе го постигнат. Гледаме дека во овој момент двете страни се силно посветени да се реши овој проблем и да се овозможи напредок за граѓаните, изјави евроамбасадорот во земјава, Самуел Жбогар, во интервју за телевизијата 24 вести.
– Европа е тука да помогне, ако ви треба помош, но спорот се одвива во рамките на ОН и така треба да остане – рече Жбогар.
Тој рече дека претседателот Ѓорге Иванов и спикерот Талат Џафери му ги изнеле нивните аргументи во однос на Законот за јазици.
-Законот за јазици не е европски приоритет, но е закон кој е дел од Рамковниот договор. Еврокомесарот Хан кажа дека не е дел од реформите, но и го поддржа законот – вели Жбогар.
Еврокомесарот ја повика опозицијата да се врати во Собранието и да придонесе во дебатата за законите, иако, според него, и дијалогот меѓу работните групи на власта и опозицијата е добар напредок.