По повод инциденти кои се случија вчера на кошаркарското дерби Работнички – МЗТ Скопје Аеродром со свој став се произнесе Здружението на македонски кошаркари.
Ние како Здружение на кошаркари на Македонија се чувствуваме обврзани да ги искоментираме случувањата на дерби натпреварот помеѓу Работнички и МЗТ Скопје Аеродром. Иако не би сакале да користиме само еден натпревар како пример за условите на игра сепак случувања на дерби натпреварот одигран во “Градски Парк” не можеме да ги премолчиме. Секако дека наш интерес е сите натпревари да се играат пред полни сали и во навивачка атмосфера, но притоа да се придржуваат до правилата на спортско однесување.
Се очекува организација на еден натпревар од ваква големина пред се да ја гарантира безбедноста на сите учесници, а потоа се останато. Како што нагласивме во претходните соопштенија условите за тренинг и натпревар во македонската кошарка се на многу ниско ниво. Македонија е позната по своите навивачи и тие се секогаш нашата сила на теренот и најголемиот дел од навивачите на гореспоменатиот натпревар се однесуваа спортски и коректно.
Сепак, мораме до жалење да констатираме дека денес бевме сведоци како навивач на едната навивачка група влета на теренот и без никаква реакција од безбедносните органи и редарската служба, слободно се движеше до судиите, тренерите и играчите загрозувајќи ја нивната безбедност. По прекин на натпреварот, од спротивната навивачка група се фрлија неколку стаклени шишиња со што играчите едвај успеаа да побегнат под заштитиниот коридор и безбедно да го напуштат теренот. За среќа ниту еден од домашните и гостинските играчи не беше повреден, иако малку беше потребно да сето ова има и трагичен крај. Прашуваме како се дозволи да некој во салата внесе предмет(стаклено шише) со кое би фрлил и би можел да нанесе тешки повреди на некои од играчите или службените лица? До кога ќе се дозволува на ваквите “навивачи” да воошто влегуваат и следат било каков спортски натпревар и да го оцрнуваат образот на македонското навивање?
Се очекува организација на еден натпревар да биде во согласност со одредбите на “правилникот за натпреварување” на МКФ, “Пропозициите за натпреварување”, “Законот за јавни собири” како и “Законот за спречување на насилство и недостојното однесување на спортските натпревари”. Под Член 3 од овој закон, под насилство и недостојно однесување на спортските натпревари меѓудругото се смета и фрлање предмети на спортскиот терен или во гледалиштето, недозволено влегување на спортскиот терен од страна на гледачите.
И во домашниот и во гостинскиот состав има играчи кои се репрезентативци и ги бранат боите на Македонија. Без разлика за кој тим настапуваат и во која лига, нивната безбедност мора да биде загарантирана. Крајно ги осудуваме ваквите случувања и апелираме на промена на условите за игра и почитување на правилата и пропозициите, со што вакви немили настани во иднина нема да се случуваат. Бараме под итно да се пронајдат и осудат ваквите натрапници и строго да се казнат организаторите на натпреварите кои не ги почитуваат одредбите и законите при организација на еден натпревар.
Публика сакаме, таа која што ќе не бодри и поздравува. Добредојдени се и сите конструктивни критики, но никако нема да подржиме публика која покажува агресија и која ќе не плука и линчува.
Од здружението порачуваме дека атак врз еден играч е атак врз сите играчи. Сакаме подобри услови и целосна безбедност веднаш!