Збогум, Поли!

Не зборувам за научни или наставни ангажмани преку кои, со искуството на пензионираните професори, би се подобрило знаењето на студентите. За знаењето, имено, никогаш и не се зборувало. Зборувам за недостиг на елементарна пристојност.

6818

Во овие пет години откако „не сум вработен“ на Правниот факултет во Скопје, формулација која ја употребувам наместо зборот пензионирање, зашто пензионирањето, согласно словото на законот за високото образование, значи дека јас сум и натаму член на непостоечка академската заедница, мобилниот на кој се појавува зборот „ПРАВЕН “ звони само во еден случа: кога ќе умре пензиониран професор. Срамно е тоа лицемерие за некаква жалост и грижа во моментот на смртта, толку во контраст со рамнодушноста и негрижата во време на животот. Не зборувам за научни или наставни ангажмани преку кои, со искуството на пензионираните професори, би се подобрило знаењето на студентите. За знаењето, имено, никогаш и не се зборувало. Зборувам за недостиг на елементарна пристојност.

Имено, до пред петнаесеттина години, постоеше обичај, на неколкуте прослави на Факултетот, какви што се 8 март или Нова година, да се канат пензионираните професори. Но, кога за декан дојде најдобриот ученик на најлошите меѓу нас, завладеа тотален егоизам: пензионираните веќе не постоева. Приговорив на воведувањето на новата пракса, сеќавајќи се на една таква прослава која ја поминав во друштво на двајца пензионирани професори, Петар Манговски и Асен Групче. Беа толку расположени и имаа така добар апетит, што бев зачуден, со оглед на нивните навистина поодминати години. Кога, не долго после прославата, едниот од нив почина, подобро ја разбрав онаа американска поговорка која вели:„It is not over, until it is over!“(„Не е готово, додека не биде готово“). Подобро ја разбрав и културата која го слави животот и не цимоли пред смртта.

Денес мобилниот повторно зазвони. На него пишуваше „ПРАВЕН“. Иако лошата вест бргу патува, „ПРАВЕН“ е најбрз. Починала нашата колешка Поликсена Гавровска, нашата Поли, добар човек и професор. Ја покани ли „ПРАВЕН“ на својата забава за 8 Март? Ни под разно, би рекла новата генерација ултраегоисти. А, Поли, на прочка, со ведар глас, се јавуваше на телефон и бараше проштевање! И зошто, овие од „ПРАВЕН“, секогаш толку брзаат да информираат за нечија смрт? Од што се плашат, дека нема да има публика во Бутел и дека починатиот или починатата ќе бидат погребани во кругот на семејството? Па, тоа е најдобро. Кој жив или умрен има потреба од такви лицемери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...