Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истрагата за крвавиот четврток од 27 април лани во Собранието. Тоа може да биде главната причина поради која осомничените кои се во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари или во куќен притвор ќе излезат на слобода или ќе добијат поблаги мерки на претпазливост бидејќи повеќе не можат да влијаат на сведоци, на прибирање докази или на каков и да е друг начин во постапката.
Одлуката треба да ја донесе Врховниот суд откако одбраната поднесе жалби за одуките на понискиот суд – Апелација.
Токму во највисокиот суд денеска се одржува јавна седница на која се разгледуваат вкупно 13 жалби за 15 осомничени. Седумина од нив, на нивно барање, од утрово се наоѓаат во Врховен каде присуствуваат на седницата. Меѓу оние кои беа спроведени во судот се пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ Митко Чавков, оперскиот пејач Игор Дурловски, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање.
Непосредно пред почетокот на јавната седница и јавната обвинителка достави предлог со кој предлага од решенијата за притвор и мерки на претпазливост што ги донесе Апелациониот суд во кои се наведени причините за притворите, да се оттргне онаа дека може да влијаат на сведоци и на истрагата бидејќи истата е завршена.
Покрај овие адвокатите пред кривичниот совет во Врховен наведуваат и други причини зошто треба да се укине притворот. Повеќето како причини дека нема да избегаат ги посочуваа нивните имотни и семејни положби, професијата и функцијата која ја извршуваат…
За Чавков, адвокатот Сашо Дуковски посочи дека цел живот работел во МВР и неговата професионална кариера е без дамка. Тој ја наведе и здравствената состојба на Чавков, дека е со преживеан инфракт и оти негово срце работи со интензитет од 50 отсто. Дуковски рече и да бил затворен во хотел со пет ѕвезди тоа немало да му помогне да си ја спроведува потребната терапија од 10 километри дневно пешачење, бидејќи и таму ќе бил затворен 23,5 часа.
Адвокатите на Крсто Мукоски, пак, потенцираа дека тој е татко на четири деца од кои најмалото е три години. Во однос на бегството тие посочија дека бидејќи е пратеник, додека да му се одземе имунитетот, Мукоски имал седум дена да види каква е судбината на останатите осомничени и за кое дело се теретат, па затоа ако сакал можел да избега. Напротив, потенцираа тие, тој и двапати сам се јавувал на повикот од судот.
За пратеникот Љупчо Димовски, исто така одбраната посочи дека судот нема аргументи оти тој ќе избега. Како што рекоа, тој од медиумите дознал дека е дел од оние кои се теретат во постапката, а подоцна и од барањето за одземање на имунитетот, во судот сам се јавил…
Семејната положба, тоа што е татко на три деца беа дел од аргументите и на одбраната на Игор Дурловски. Тој, како што посочија адвокатите, три дена пред да биде приведен се вратил од турнеа од Кина, па ако сакал да избега ќе го направел тоа.
За Мунир Пепиќ, пак, одбраната потенцираше дека тој во Собранието на 27 април влегол бидејќи бил на службена должност (да обезбедува лице) како вработен во Агенцијата за разузнавање. Негиовиот адвокат, потенцираше дека Пепиќ е еден од обвинетите и во предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во кое му се изречени мерки на претпазливост. Пепиќ, рекоа од одбраната, ги почитувал тие мерки што е доволна гаранција дека и во овој случај ќе ги почитува таквите мерки.
Седницата во Врховен суд на која се разгледуваат жалбите, е сè уште во тек. На чело на претчлениот кривичен совет е претседателот на судот, Јово Вангеловски. Советот има рок од 48 часа да одлучи за жалбите.
Инаку, при влезот во судот на новинарите кои присуствуваа на јавната седница им беа одземени мобилните телефони. На реакција на новинарите во иднина таквата пракса да се промени и да им се дозволи да ги носат со нив телефони бидејќи им требааат за фотографирање (пред се на оние кои работат во порталите) и за комуникација со редакциите, Вангеловски рече дека таква одлука донеле за да се обезбеди непречено одбивање на постапката бидејќи во минатото мобилните биле злоупотребувани. Тој исто така опомена, ако некој му се обрати со забелешка за телефоните без да добие збор, ќе биде отстранет од судницата.