Заев: Со Законот за јазици никој не губи, а сега е време за реформи ВИДЕО

Премиерот вели дека Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и порачува дека никој не e, и не може да биде над Уставот.

1254

Премиерот Зоран Заев, денеска преку видео обраќање порача дека Законот за употреба на јазиците е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“.

„Оваа наша, и европска вредност, ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори. Таа вредност: Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина. Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници“, рече Заев.

Премиерот додава дека Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и порачува дека никој не e, и не може да биде над Уставот.

„Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка. Истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик. Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието“, посочува тој.

Наместо тоа, Заев оценува дека време е сите политичари да ја преземат одговорноста и да ги заокружат реформските процеси.

„Време е за реформи и за економија, време е за развој на Македонија, во интерес на сите граѓани“, истакна премиерот во видео обраќањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...