Во април очекуваме чиста препорака за почетокот на преговори со ЕУ, а во јуни одредување датум за почеток на преговорите. Го информиравме Мичел дека ја почнуваме финалната фаза која ќе донесе достоинствено решение за името. Остануваме на патот на градење меѓусебна доверба со Грција. Покажавме јасна подготвеност за вистински дијалог. Ги потврдувам нашиот ентузијазам и посветеност – рече Заев на заедничката прес конференција со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, денеска во Скопје.
– САД ги поддржуваат двете страни да најдат заедничко решение. Ова не е одлука што ние ќе ја направиме за вас или за Грција. Вратата за членство во НАТО останува отворена – рече Мичел.
Што се однесува до НАТО, нагласи дека поканата за членство не е поврзана со точен датум или настан.
– Но, мислам дека можеме да направиме сѐ што можеме за да го одбележиме напредокот и заложбите на САД, Македонија да стане членка и на НАТО и на ЕУ. Ова е наша заложба долги години и не е врзана со конкретен датум или настан – рече Мичел.
Прашан за нацрт-спогодбата што ќе ја донесе Коѕијас при неговата посета месецов во Скопје, Заев одговори:
– Договорот меѓу мене и Ципрас и меѓу министрите Димитров и Коѕијас е дека секој документ би бил од помош и е вреден за разгледување. Сѐ што е од помош ќе го искористме во процесот. Двете страни сме согласни дека процесот треба да продолжи. Тој треба да биде верификуван во Обединетите нации, кои го водат процесот.
Во однос на помошта и поддршката од земјите пријатели, Заев рече:
– Дај боже да треба на нашите стратешки партнери да им соопшитиме дека е најдено решение. А ако е потребна помош јас очекувам помош која ќе ги охрабри двете страни.