Заев се сретна со делегација на Европската народна партија

163

Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација од Европската народна партија во чиј состав беа европратениците Андреј Ковачев од Бугарија и Туне-Валдо Келам од Естонија, кои ги придружуваше амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Од владината служба за информирање соопштија дека европратеникот Ковачев, во име на делегацијата на Европската народна партија го информирал премиерот Заев дека нивниот престој во Република Македонија е во насока на подготовка на придонесот на ЕНП за извештајот на ЕУ за напредокот на Република Македонија во процесот на придружување кон Европската унија.

Премиерот Заев ги информирал гостите за текот на разговорите за прашањето за името на нашата земја со Република Грција, и истакнал дека денешната посета на министерот Коѕијас на нашата земја и неговата средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, е чекор напред во овој процес и дека на претстојната средба со медијаторот Нимиц во Виена се очекуваат нови моменти во приближувањето на разликите.

Претседателот на Владата на средбата нагласил дека во однос на ова прашање е договорена и воспоставена пракса на редовно информирање на македонскиот државен врв, вклучително и опозицијата, како демократска пракса за важните прашања од интерес на државата да се бара и почитува мислењето на сите засегнати страни во политичкиот спектар.

Премиерот Заев ги информирал европратениците Ковачев и Келам и за актуелните политички прашања во земјата, и истакнал дека како и за прашањето за името, Владата на РМ настојува да обезбеди широка дебата и инклузивност на граѓанското општество и опозицијата за сите реформски процеси и законски решенија.

Европратениците Ковачев и Келам, како претставници на Европската народна партија, истакнале дека со внимание ги следат сите процеси во Република Македонија и дека даваат силна поддршка на реформските процеси и на решавањето на спорот со Грција, бидејќи, како што нагласиле, од особена важност е колку што е можна побрза интеграција на земјата во ЕУ и НАТО заради стабилноста, безбедноста и развојот на земјата и на регионот во целина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...