Премиерот Зоран Заев вели дека во тек се разговори со Турската демократска партија за проширување на паламентрното мнозинство и очекува овие разговори да бидат заокружени до вторник.
-Оваа партија веќе дава поддршка на законските решенија и соработката не е условена со некои места, но треба да се заокружи. Размислувам и за средби со БЕСА и тоа со двете групи, се надевам дека ќе најдат нешто што ќе ги спои во една, бидејќи гледам дека пратениците соработуваат меѓу себе. Потоа ќе се разговара и со пратеници кои се во опозиција – вели Заев кој додаде дека на оваа тема не разговарал со претседателот на коалицискиот партнер ДУИ, Али Ахмети, но дека е можно на паузата на утрешната седницата за пратенички прашања да разговараа за тоа.
Заев, вели дека сепак има генерална согласност во владејачката коалиција вратата за соработка да остане отворена за нови партии.
-Оставена е можноста на премиерот да разговара со пратеници, политичари и со партии кои се подготвени да ја поддржат Владата во однос на актуелни прашања, како што се: Решавање на спорот што го има Грција со нашето уставно име, реформите, концептот „Едно општество за сите“ и сето она што е за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните – додаде Заев.
Премиерот најави дека откако ќе ја помине таа фаза, и од Ахмети и од останатите коалициски партнери ќе бара согласност за проширување на коалицијата и на мнозинството во парламентот.
Според него има пратеници и политички партии кои се во опозиција, но не се согласуваат со најголемата опозициска партија и нивните ставови се поблиски до ставовите на Владата.