По средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, премиерот Зоран Заев денеска на заедничката прес-конференција во Владата рече дека за Македонија, прифатливо е спорот за името со Грција да се реши со ново име кое ќе вклучува географска одредница која ќе направи дистинкција меѓу името на нашата држава и регионот во Грција.
Сепак, рече Заев, најважно е да се најде трајно решение за затворање на долгогодишниот проблем.
– Наша должност е да преземеме одговорност за оваа историска можност, да го решиме ова долгоотворено и мачно прашање помеѓу двете земји – рече Заев.
Македонскиот премиер рече дека македонската Влада ја афирмира желбата за посветеност, со лидерство и одлучност да ја изоди оваа делница.
– Пристапувањето кон ЕУ, влијае врз животот на граѓаните. ЕУ потврдува дека иднината на Македонија е таму, со тоа што се оддава признание за нашиот напредок. Имаме уште неколку важни активности кои треба да ги завршиме, со цел 2018 да биде историска година. Извештајот очекуваме да биде позитивен, заедно со пораката – рече Заев.