Заев: Посетата на Коѕијас и средбата со Нимиц можност за исчекор

198

Премиерот Зоран Заев ја оценува средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас што ќе се одржи неделава во Скопје и преговорите со медијаторот Метју Нимиц како можност за приближување кон решавањето на проблемот што го има Грција со нашето уставно име.

– Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот. Мене ми е важно како тоа ќе го прими грчката јавност и дали ќе биде прифатливо низ нивните институции. Верувам дека и на грчките политичари и на премиерот Ципрас треба да им биде важно како тоа ќе биде прифатено овде од граѓаните на Македонија, но и како ќе помине низ институциите на системот – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на денешното судско рочиште за предметот „Поткуп“.

Тој посочи дека луѓето што преговараат се само поединци, а на крајот институциите на Македонија и на Грција се тие коишто одлучуваат.

– Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна – потенцира Заев.

Тој посочи дека ги информира претседателот на државата и опозицијата за текот на преговорите кога смета дека има потреба за тоа.

Најави дека по средбата со Нимиц наверојатно ќе следува и нова лидерска средба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...