Премиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека му ги соопштил ставовите за притворот на опозициските пратеници за 27 април, како и тоа дека имал разбирање за тоа што не е комплетна пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
-Немам намера никако да вршам притисок и влијание врз правосудството, тоа е недозволиво, законот важи за сите. Но, ќе кажам дека притворот не смее да биде казна. Сепак, тоа е обврска и право на обвинителството и судовите во Македонија – изјави Заев.
На прашање дали смета дека истрагите за 27 април обвинителството ги води многу бавно, Заев со став:
– Сметам дека побрзо треба да се водат постапките, фактички ништо не е променето со смената на власта. Притворот се третира како и претходно, за казна на осомничените.
Заев демеантира дека државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски го брифирал за бавните изтраги. Тврди дека со обвинителот се видел и се поздравил три пати во Собранието.
-Ако прашам за истрагите, не знам како ќе бидам сватен. Може пратениците да поставуваат пратенички прашања за овие истраги, а треба и новинарите постојано да истражуваат на оваа тема- рече Заев.
Со Мицкоски разговарале и за Законот за употреба на јазиците, за кој ВМРО-ДПМНЕ има поднесено околу 35 илјади амандмани.
Премиерот смета дека законот треба да се донесе во Собранието, па кој смета дека не е уставен да го оспори пред Уставниот суд, а не да се блокира Собранието пред вакви важни моменти за изгласување еден куп реформски закони од кои зависи европската иднина на Македонија.
Тој додаде дека има сериозно приближување во однос на законите за кои е неопходно двотретинско мнозинство, како на пример законот за заштита на сведоците.
-Го информирав Мицкоски и за текот на преговорите за името. И тука нема некое поместување. Разговаравме за нашите стратегии, за намерите во преговарачките процеси. Но, и тука секој остана на своите ставови. Го пренесов ставот на Владата и опциите и нашиот оптимизам. Побарав да се најде решение за илјадниците амандмани за законот за јазиците, но неприфатлив е предлогот на Мицкоски за формирање работна група за оценување на уставноста на законот. За тоа е надлежен Уставниот суд – рече Заев.
Информира дека и двајцата биле согласни да се сретнат повторно.