Владата заедно со младинските организации, ги потврди заложбите и намерите за креирање модерно и напредно општество во кое младите имаат суштинска улога, истакна премиерот Зоран Заев, по денешната седница на Владата посветена на младинските политики.
– Ветувањето дека сите политики за млади ќе се носат со учество на младинските организации и заедници денеска резултираа со тематска седница на Владата посветена на младински прашања, на која со младинските организации се разгледуваа предлозите на младинските организации за напредокот во спроведувањето на младинските политики во рамки на ресорните институции, како и за напредокот на имплементирањето на конкретни мерки како што е Младинската гаранција, една од клучните владини програми и за најавите за скорешно започнување јавни дискусии за содржината на новиот Закон за млади, процес кој е инициран од Собранието на Република Македонија, и во кој учествуваат трите засегнати страни заеднички -истакна Заев.
Премиерот потенцира дека донесени се одлуки за формирање важни работни групи за младински политики.
– Работна група за препознавање на младинската работа, работна група која ќе го дефинира ко-менаџмент телото за координација помеѓу младинските организации и институциите и за структурен дијалог, работна група за сеопфатно сексуално образование, работна група за средношколско демократско организирање, работна група за студентско демократско организирање, работна група за мапирање зелени работни места и нивно поврзување со невработеноста на младите во земјава и работна група за изработка на програма за сеопфатна грижа и лекување на малолетни корисници на психоактивни супстанци – изјави на прес-конференцијата премиерот.
Премиерот презентирајќи дел од дебатата на одржаната седница спомена дека како дел од темите беше и учеството на Македонија во РИКО, иницијативата за регионално поврзување на младинските организации како дел од Берлинскиот процес, понатаму Националната младинска картичка, како и други бројни зафати посветени на подобрување на климата за активно учество, напредок и развој на младите во сите сфери на општествениот живот.
Премиерот денешната заедничка седница на Владата ја окарактеризира како уверување со кое покажавме дека младината во Македонија, со своите храбри идеи, е подготвена да учествува во градењето современо општество, демократско и еднакво за сите и ги повика младите со сите свои идеи и сили да учествуваат во водењето на Македонија напред и да останат буден коректив на власта.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт рече дека оваа тематска седница на Владата е резултат на неколку консултативни средби организирани од страна на АМС со дел од Владата на Република Македонија, од која што упатените сугестии и препораки од дел од младинските организации кои што, како што рече тој, на оваа тематска седница беа преточени во конкретни заклучоци, што треба ние како владини институции да ги реализираме во периодот што следи.
– Со ова покажуваме дека ја менуваме перцепцијата за Агенцијата за млади и спорт, која повеќе не е само Агенција која се занимава само со спорт, туку напротив, силно ќе ги поддржи младите и младинските политики, мерки и проекти, кои што ќе имаат за цел да го подигнат младинскиот стандард во Република Македонија – рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Дoна Костуранова, извршна директорка на Младинскиот образовен форум, пак, рече дека да се биде присутен тука денес и да се зборува за младинските политики заедно со Владата на Република Македонија, е нешто што долго време се бара, и како што потенцираше тоа е значајно за да обезбедиме на најмалку една четвртина од нашите сограѓани простор за личен напредок и перспективи во нашата земја.
– Значајно е што се случи оваа заедничка седница, затоа што младите се нераскинлив дел од општеството. Некој кој треба да биде третиран како еднаков чинител, кој има право да учествува, да ги аргументира и да ги практикува своите демократски права, некој кој има право на квалитетно образование, кое ќе поттикнува демократија, граѓанско учество но и ќе создава работни вештини кои се потребни на пазарот на труд – истакна Костуранова.
Блажен Малески од Националниот младински совет истакна дека не само иднината, туку и сегашноста им припаѓа на младите.
– Оваа прва владина тематска седница дава јасна визија дека на младите не е само иднината, туку и сегашноста. А кога велиме и сегашноста, тоа значи дека ќе ги вклучиме во работите кои се случуваат и мислам дека заклучоците од страна на Владата на РМ се многу корисни кон градење на иднина на младите уште сега – рече Малевски на прес-конференцијата.