Се слушаат аргументите и на адвокатите и на нотарите кои реагираат на законските измени, нагласи денеска премиерот Зоран Заев по судското рочиште, прашан за ставот на Владата за најавениот штрајк на адвокатите доколку поминат низ собраниска процедура тие измени.
– За нас е важно да паднат пустите сметки на извршителите во кои што има вградено и адвокатски и нотарски трошоци, но и извршителски и судски на оние наши граѓани на кои им стигнува комплетната сметка од извршител. Целта ни е да се намали тоа, но да се има разбирање и за двете фели – рече Заев.
Тој потенцира дека со советниците правници и со адвокатите ќе изнајдат решение и оти нема да се почне со штрајк бидејќи, како што рече, тој не бега, но претходно треба да се реши проблемот на маса.
Во однос на физичкиот напад врз пратеникот и лидер на ЛДП Горан Милевски, Заев рече дека институциите прават се за да ги заштитат пратениците и дека тие се информиртани за постапките на МВР во делот на нивното обезбедување.
– Ги охрабрувам да не ја ограничат својата слобода. Ние сме на вистинската страна каде зборуваме за едно општество во Македонија каде ќе има рамноправни и еднакви граѓани во своите права и своите обврски – истакна Заев.
Премиерот додаде дека Милевски е и претседател на една од партиите со кои се во коалиција и дека ваквиот чин во строгиот центар е дрзок и безобразен. Премиерот се надева оти има доказ за да се најде човекот кој го направил насилството за да може да одговара.