Заев ја потврди реконструкцијата на Владата, ќе се зголемува парламентарното мнозинство

Премиерот рече дека Османи морал да објасни повнимателно кога ја дал изјавата дека нема да учествува на конференција во БиХ.

193

Солидарноста што е изразена меѓу шесте земји од Западен Балкан секогаш да бидеме заедно, е причината за изјавата на потпретседателот на Владата Бујар Османи дека нема да учествува на конференцијата во Бања Лука, појасни денеска премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања по средбата со тутунопроизводителите во Конче и додаде дека шесте земји од Западен Балкан секаде се заедно без разлика која колку е понапред во ЕУ интеграциите.

– Не знам зошто Косово не е покането, веројатно Босна и Херцеговина го нема признато. Ако една или две земји не се поканети, тогаш која е целта другите да присуствуваат. Не можам да потврдам колку е соодветно дадена изјавата на вицепремиерот Османи, зашто без објаснувањето кое го дадов испраќа погрешна порака до нашите партнери од регионот со кои сакаме да одиме напред. Знаеме дека сакаме да имаме добрососедски односи со сите и мораме при давањето на изјавата да внимаваме на одекот кон нашите соседи и внатре во државата – рече Заев.

Тој рече дека размислува и за реконструкција на владиниот кабинет, но и за зголемување на бројот на пратениците во пратеничката група.

– Да, прво ќе има реконструкција, затоа што пред сè ќе расте бројот на пратеници во пратеничката група. Разговараме со дополнителни пратеници. Мислам дека треба да овозможиме стабилизирање на Парламентот, од повеќе аспекти. Јас се надевам дека и опозицијата ќе се врати брзо во Парламентот, но и вкупниот број на пратеници од парламентарното мнозинство би требало да биде посоодветен, за да може да нема вакви прекини на сендиците, паузи, собирање на пратениците или слично. Верувам дека ќе успееме со тоа, а поради тоа ќе се случи секако и реконструкција – рече премиерот Заев.

Тој објасни дека неодамна рекол дека некои функционерите девет месеци покажале дека ниту знаат, ниту пак, се трудат и затоа ќе се разрешуваат, за да испрати пораката за да може некој и да се поправи.

– Ако некој заслужува смена веднаш тоа се прави. Без разлика дали е од пониските ешалони или од повисоките. Очекуваме секако да се случуваат и реконструкции и промени во соодветни временски периоди кога се прават рекапитулари од секој можен аспект. Огромен е бројот на луѓе во Владата кои и знаат и се трудат. Исто така голем е бројот на луѓе во Владата кои што многу се трудат а не знаат, но се трудат и да научат. Има еден дел кои што ниту знаат ниту се трудат. Јас апелирам до сите. Ние сме сервис на граѓаните, поради тоа сме поставени, да се посветиме максимално на потребите на граѓаните. Ова кое што го имаме добиено од нив е чест и одговорност, која што немал секој можност да ја добие. Од тој аспект навистина апелирам до сите, за навистина максимално и посветено извршување на своите задачи –  одговори Заев.

Претседателот на Владата на прашањето дали ќе има зголемување на старосната граница за заминување во пензија истакна дека засега не размислуваат за промена.

– Мораме да го стабилизираме Пензискиот фонд. Државата од буџетот дава 500 милиони евра за да може пензионерите да земат пензија. Се додека работниците не почнат да го полнат пензискиот фонд, а не државата, тогаш ќе почнеме да размислуваме за менување на старосната граница за заминување во пензија, но кон нејзино намалување – одговори Заев.

За очекувањата од посетата на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, Заев рече дека уште еднаш очекува охрабрување и сериозна мотивација за завршување на рефрмите.

– За нас тоа охрабрување, значи сериозна мотивација, да ги дозавршиме реформите согласно плановите 3-6-9, да ги продолжиме сите оние процеси на унапредување на севкупниот квалитет на животот на граѓаните, поради тоа што сме убедени дека Европа ќе ни даде датум за преговори само ако заслужуваме или ќе станеме членка на ЕУ само тогаш кога нашиот стандард на граѓаните ќе биде веќе приближно еднаков на стандардите на граѓаните на ЕУ – рече Заев.

Премиерот додаде дека очекува прецизирање за терминот кога Македонија ќе добие неусловена препорака, но истовремено и охрабрување дека во јуни е можно да има датум за отпочнување на преговори, а со тоа и отворање на дополнителни европски фондови за Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...