Владата е должна да оддава почит кон тие што се заслужни за создавањето на државата.
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, со Трајко Стаматовски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот и со потпретседателот Борко Зафировски при што разговарале за проблемите на Сојузот.
– Ние како Влада, сме должни да оддаваме почит кон тие што се заслужни за создавањето на нашата држава и да ја почитуваме таа генерација, учесници во НОВ, како еден од најзначајните периоди во историјата на Република Македонија – рече Заев на средбата со претставниците на Сојузот на борците од НОАВМ.
Според него, тоа ги задолжува идните млади генерации да бидат поддржувачи на оваа организација за да ја чуваат и унапредуваат традицијата
Како што соопшти владината прес-служба, присутните го запознале премиерот со проблемите со кои се соочуваат поради немање соодветен простор и финансии за одржување на нивните секојдневни активности, кои се насочени кон враќање и продолжување на традиционалните вредности и стремежи, кои како порака ги пренесува НОВ.
Премиерот Заев искажувајќи разбирање за проблемите, повторил дека во Буџетот на РМ се предвидени средства за Сојузот на борците, додавајќи дека тоа ќе се прави и во иднина, додека за просторот размениле мислења за да се најде соодветно решение.
„На нашите средби разговараме за дневните и државните политики, отвораме дебати, ве поддржуваме во напорите да изнајдете решенија за надминување на проблемите и за остварување на стратегиските интереси, како што се евро-атлантските интеграции, му порачаа присутните на претседателот на Владата и го поканија на една од тие отворени дебати, а тој прифати“, стои меѓу другото во соопштението од Владата.