Премиерот Зоран Заев во рамки на денешната посета на општина Конче го посети и семејството Вејселови, најголеми производители на тутун во општината.
Тројцата браќа Вејселови со своите фамилии сами произвеле близу седум тони тутун.
Тутунот е тежок за производство, велат Вејселови, од расадување, берење, нижење до калапење во него учествува од најмалиот до највозрасниот член на фамилијата.
– Не се жалиме од работата, само да се плаќа добро. Годинава имавме одличен откуп, дури половина од тутунот што го предадовме ни помина во прва класа и со тоа постигнавме просечна откупна цена од 240 денари – вели Ибраим Вејселов.
Вејселови како и останатите тутунопроизводители сега ги очекуваат зголемените субвенции кои ги најави Владата.
– За Владата ваквите тутунарски семејства како Вејселови се особено важни. Се работи за 30.000 семејства коишто егзистираат од производство на тутун и тие мора да имаат сигурен, стабилен откуп и редовни субвенции кои, од годинава ќе бидат зголемени по класи со цел да се стимулура квалитетно производство. На овој начин покажуваме интерес и за откупувачите кои ќе имаат квалитетна суровина – рече Заев.
Во државата има 200.000 земјоделски семејства кои својата егзистенција ја обезбедуваат од земјоделско производство. Состојбата во овој сектор изминативе години беше особено лоша, земјоделците и покрај работата осиромашија а производството опадна.