Денеска можевме јасно да видиме дека единствениот сведок бил инструиран од полицијата и обвинителството. Тоа е јасно. Но, судот треба да си донесе одлука, рече премиерот Зоран Заев по денешното рочиште за „Поткуп“ на кое сведочеше бизнисменот Иван Николов Сачевслиев од кого наводно Заев како градоначалник на Струмица барал поткуп.
Заев на рочиштето директно го испрашуваше сведокот при што му постави прашање дали кога отишол во МВР да го пријави, покрај Митко Чавков, се сретнал и со друг висок функционер од министерството.
Судскиот совет не му дозволи да постави прашање со директно име на тој функционер, но за тоа Заев одговори пред судот на новинарско прашање.
– Сакав да прашам дали Сашо Мијалков случајно бил таму – рече премиерот.
Тој одговарајќи им на новинарите рече дека по денешното рочиште можеби треба да следат и други кривично пријави против функционери од МВР или обвинителството бидејќи, посочи Заев, имаше јасно признание како сведокот бил инструиран што да прави.