Задолжувањето на државата продолжува благодарение на претходната власт на Никола Груевски

Откако станавте лидер на партијата ДПМНЕ, Вие Мицкоски, ја продолжувате дури и ја надградувате злосторничката политика со тоа што правите невидена опструкција на работата на Собранието.

1611

Идејата за оваа моја колумна е обраќањето на лидерот на партијата ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ќе изјави, цитираме: „Катастрофалната политика на владата на полето на економијата го зема својот данок. Во првите два месеца од 2018 година, владата успеа да ја задолжи Република Македонија за дополнителни 545 милиони евра. Или во просек, успеа да го задолжи секое семејство во Република Македонија за дополнителни 1.000 евра.“ Откако ќе заклучи дека нема пораст на БНД, тој изјавува: „Оваа криминална тендерска влада мора да замине. Доаѓа нова надеж за Република Македонија.“

Го читам текстот објавен во „нивното списание Република“ (од 7 март) па се чудам до каде оди хипокризијата на овој човек, лидер на опозицијата, заслепен во својата омраза кон новата влада на Заев да критикува сѐ, било што, без претходна анализа на состојбите, често служејќи се со лаги и лажирани критики. Тој и овој пат, исто како и во повеќе наврати претходно, најавува враќање на партијата ДПМНЕ на власт а тој за премиер на владата нудејќи спас на Македонија од „криминалната тендерска влада“ на Заев. Ќе дошла нова надеж за Македонија… како да не!

Познато е дека Владата на Заев со најновата еврообврзница позајми 500 милиони евра со неверојатно ниска каматна стапка од 2,75% со рок на доспевање од 7 години, додека пак Владата на ДПМНЕ во претходната 2016 година позајмила 450 милиони евра со камата од 5,625%! Владата обелодени дека од најавените во буџетот 662 милиони евра задолжување во 2018 година, позајмените 500 милиони евра ќе се користат за покривање на дефицитот во буџетот од 295 милиони евра, враќање на стари долгови (отплата и камата) од 367,9 милиони евра па се очекува дека до крајот на годината владата уште ќе се позајми за разликата предвидена со буџетот.

Лидерот на ДПМНЕ Мицкоски заборава дека во 11-годишното владеење владата на Никола Груевски ја задолжи Македонија со нови 3 милијарди евра, со тоа што затечениот долг во 2006 година од 1,5 милијарда евра го зголеми на 4,7 милијарди евра во 2017 година што претставува 47% од бруто националниот доход (БНД), што за балкански услови Македонија стана скоро високо задолжена земја (скоро 50% од БНД). Мицкоски заборава дека владата на ДПМНЕ остави „мираз“ Македонија да враќа нивни долг од околу 360 до 400 милиони евра на годишно ниво! Новата влада на Заев затечениот долг оставен во мираз од владата на Груевски ќе го враќа само со ново задолжување, македонската економија е толку слаба што нема средства за враќање на старите долгови освен со ново задолжувања!

Исто, Мицкоски заборава да каже каде тие ги трошеа парите од странските кредити и парите од буџетот за сите 11 години нивно владеење! Парите се потрошени за проектот „Скопје 2014“ и за многу други глупости. Треба да се знае дека владата на ДПМНЕ, ако ги исклучиме автопатите почнати во 2012 година (Демир Капија – Смоквица, Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип), нивните инвестиции во капитални инвестиции изнесува една голема нула (0)! Таква е сликата на нивните развојни проекти што сега Мицкоски им ги става на товар на новата влада – дека позајмените 545 милиони евра не биле вложени во развојни проекти кои гарантираат поврат на средствата на среден и долг рок. Мицкоски, пресметката е едноставна – да не беше вашиот „мираз“ за враќање на 367,9 милиони евра во оваа 2018 година, тие пари ќе беа вложени во развојни проекти, на пример, со тие пари ќе се изградеше гасификацијата на Македонија или сл.

И уште една работа. Откако станавте лидер на партијата ДПМНЕ, Вие Мицкоски, ја продолжувате дури и ја надградувате злосторничката политика со тоа што правите невидена опструкција на работата на Собранието, на Владата со една злобна цел Владата на Заев да доживее неуспех и така Вие да дојдете на власт! Со опструкции и несоодветно однесување кое отстапува од демократските процеси Вашата партија ДПМНЕ никогаш нема да дојде на власт, што Вие така често тоа го повторувате – кога ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе го врати споменикот на Ќосето на истото место и слични многу други недоквакани работи! Запомнете Мицкоски, на власт не се доаѓа со сеење злоба, омраза, делби, опструкции, лаѓи, водење инат и Ваш типичен балкански примитивизам. Само модерна и европска десничарска партија, со демократски манири и однесување, со издржана реална програма доаѓа на власт, а Вие тоа ниту можете ниту сакате да го направите и поради тоа за доаѓањето на ДПМНЕ на власт треба многу да чекате. Што се однесува до македонскиот народ и тој ќе чека. Како тргнале работите долго ќе чека…

Критиките на Мицкоски ме потсетуваат на еден виц со двете жени. Едната жена го дава детето на друга жена и ѝ вели: „Поддржи ми го копилето да ѝ се изнасмеам на копиларката“.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...