Целта на НАТО, според мислењето на британскиот дипломат Хестингс Лионел, била „Русите да се чуваат надвор, Американците внатре, а Германците под контрола“. По завршетокот на Студената војна во 90-тите се постави прашањето околу натамошниот „Raison d’etre“ на НАТО. Заговорниците за распуштањето на Алијансата како Адриен Десуин сметаат дека „оваа анти-руска институција треба да згасне, независно што во последните три години сме сведоци на една агресивна Русија во Украина и на Крим“.
Претходно, во деведесеттите, НАТО успешно се справи со менаџирањето на кризата во поранешна Југославија, а подоцна и со меѓународниот тероризам од Блискиот до Далекиот Исток. Со право, Јенс Столтенбер во The Observer напиша дека „веќе една генерација сме соочени со најголемите предизвици за нашата безбедност“. Членките на НАТО од Северна и Централна Европа се заплашени од обновувањето на руските закани. Останатите стравуваат од хибридните опасности и тероризмот, трети се вознемирени од можниот неконтролирани миграторски бран. Дури и непредвидиливиот Донлад Трамп кој Алијансата ја сметаше за „проблематична“ и „застарена“ го смени мислењето. Во Times , Трамп истакна дека има „апсолутна доверба“ во Алијансата и дека „САД силно ќе се ангажираат во НАТО“. Оваа порака има своја реална позадина со оглед дека домените како што се меѓународниот тероризам, организираниот криминал, сајбер-заканите, деградацијата на човековата околина, природните катастрофи потребно е да се третираат низ „тесно единство и соработка помеѓу Европската Унија и НАТО“. Во овој миг кога се во прашање набројаните закани, ЕУ метафорично сѐ уште наликува на „куче кое лае, но не знае да каса“. Добра вест е што овие две институции се компатибилни во заедничките безбедносни напори.
Македонскиот случај
Македонија е рекордер според бројот на Акциони планови за членство (АПЧ) со статус на аспирант уште од 1999 г. Веќе 19 години НАТО-фановите на РМ го очекуваат решителниот чекор кон членството во НАТО. Тоа е рекорд за Гинис. Инаку историјатот на пронатовското расположение на РМ, како приоритетна стратешка цел официјално го одбележа Собранието на РМ кое гласаше за Декларацијата за пристапување кон Алијансата во 1993. Претходно, уште во 1991 г. претставници на невладиниот сектор –АТА, меѓу кои и авторот на оваа колумна, во Анталија се запознаа со тогашниот легендарен генерален секретар, Манфред Вернер кој беше голем поборник за политиката на „отворени врати“ на Алијансата кон новите пост-комунистички демократии. Во овој дведецениски период, во Алијансата се случија три круга на проширување ако не се смета последната покана до Црна Гора од 2017. Во периодот на владеење на СДСМ (2002-2006) сите членки на НАТО, вклучувајки ја и Грција, РМ ја сметаа за лидер на Јадранската повелба (Хрватска-Албанија-Македонија) и за сигурен иден член на Алијансата на следното проширување. Тогашниот премиер на Грција Костас Караманлис за време на средбата со премиерот Бучковски во 2005 порача: „да не се занесувате дека во НАТО ќе ве примиме под уставното име“.
По познатиот ирационален бран на антиквизација од крајот на 2007, се случи студениот туш во Букурешт. Меѓутоа, Груевски ја зајакна сопствената позиција по Букурешкото фијаско од 2008 истакнувајки дека „го спасил името на Македонија со самиот факт што Грција со своите сојузници го блокирала влезот на РМ во НАТО“. На таа тема Груевски го освои апсолутното мнозинство на предвремените парламентарни избори. Со оваа победа постепено цвета осознавањето на лидерот за неговата неограничена власт. Новиот популист навлегува во најдраматичната епизода во животот и еволуира во еден од најголемите авторитарни демагози на Балканот. Со својата тврдоглавост и отсуство на визонерски погледи ефикасно ги рушеше аспирантските позиции на Македонија во Алијансата. Државата почна да отстапува од евро-атланските вредности и стандарди. Дното беше допрено со настаните од 27 април во кои двоецот Иванов-Груевски одиграа решавачка улога. Македонија назадуваше. Освен спорот со името, натократите ги наметнаа и останатите критериуми од АПЧ како услов за членство во Алијансата: дефицитарна демократија, контрола на медиумите, проблематично владеење на правото, независност на судството, организиран криминал, партизација на администрацијата, прислушувањето… Разочарани од губењето на 11-годишната авторитарна власт, членството и поддржувачите на Груевски еволуираа во големи противници на Алијансата и бараа алтернативни патишта за приближување кон Русија.
Русија и проширувањето на Алијансата
Во говорот од 18 април 2014 со кој ја оправда анексијата на Крим, претседателот Путин потсети на бројните ветувања кон Русија што Западот не ги испочитува. Особено го акцентира ветувањето од 1990 дека „НАТО нема да се прошири вон границите на Источна Европа“. Во последните 25 години, синдромот на „непочитувањето на ветувањата“ за непроширувањето кон Исток прерасна во составен дел на пост-советскиот идентитет. Со помош на големата финансиска помош и договорот „2+4“, со кој се исклучува можноста за стационирање на НАТО-сили врз територијата на поранешна Источна Германија, Горбачов прифатил обединета Германија да стане членка на НАТО. Западот ветил дека нема да ја искористи слабоста и хаотичната состојба во СССР. Германскиот и американскиот министер за надворешни работи Геншер и Бејкер отворено се спротиставувале на идејата за проширување на Алијансата со поранешни членки на Варшавскиот пакт.
Меѓутоа промените во овој дел на светот беа толку секавични што постепено јакнеше доктрината за трансформацијата на НАТО и афирмирање на политиката на „отворени врати“. За паневропејците, проширувањето на Алијансата е во функција на обединувањето на Европа. Во таква еуфорија се случи и првото проширување на Алијансата во 1999 г. Реакциите на ослабена Русија која сѐ уште е под импресии на бомбардирањето на Србија биле многу бледи. Веќе при следниот круг на проширување, 2002-2004 познато како Big Bang кога на Алијансата ѝ пристапија 7 нови членки, реакциите на Русија беа посмели и поаргументирани. Руската дипломатија се повика на Договорот за конвенционалните сили од 1990 помеѓу НАТО и Врашавскиот договор, истакнувајки дека „со чинот на проширување, била пореметена квотата на војните конвенционални сили меѓу Исток и Запад“, согласно договорот.
Црна Гора и Македонија
На 5 јуни 2017, Црна Гора која долго време важеше за проруски ориентирана нација со големи инвестициски зафати на руските тајкуни во туризмот, стана членка на НАТО. Реакцијата на Кремљ беше остра „како одговор на непријателската политика што ја одбра владата на Црна Гора, Русија го резервира правото да преземе реципрочни политички или физички репресалии, и соодветно ќе реагира на секоја акција“. Главен влог на црногорското членство беше морскиот јадрански брег, бидејќи целиот северен дел на Средоземјето сѐ до Сирија, влезе во зоната на НАТО-Алијансата.
Разбирливо и најавата за евентуалното членство на РМ во НАТО, исто така, наидува на реакција на МНР на Русија со повикување на амбасадорот на РМ кај рускиот заменик министер за надворешни работи. Пораката на Кремљ е дека „со евентуалното зачленување на РМ во НАТО ќе се манифестираат бројни негативни последици за регионалната безбедност и билатералните односи“. И во македонскиот случај геополитиката игра значајна улога, со оглед дека нашата територија претставува домино-дисконтинуитет помеѓу Албанија, Грција и Бугарија. Токму во геополитиката лежи и можноста за брзото решавање на спорот со Грција.
Во епохата кога доаѓа до значително приближување меѓу Турција и Русија, кога Русија бележи војни успеси во Домбас, Крим, Сирија, тешко ја прифаќа реалноста дека една православна држава може да влезе во клубот на Алијансата. Руските интереси се од геополитичка и геоекономска природа. По губењето на Црна Гора, уште една држава која можеше да инклинира кон пансловензимот и православјето може да замине од полу-контролираниот балканскиот простор. Нема сомнение дека во случај на зачленување во НАТО, врз територијата на РМ нема да се појават „малите човечиња со зелени униформи“ како во Домбас, но факт е дека во одреден временски период не се исклучени одредени економски и трговски санкции од Москва. Официјалната руска позиција кон Македонија е дека постои голема опасност од меѓуетнички судири каде албанските сили би се обиделе да ја разградат унитарна Македонија. Затоа е неопходна голема солидарност на словенските и православните народи.
Сепак, НАТО не треба да се набљудува само како воена туку и како политичка организација која наметнува почитување на одредени демократски стандарди. Тоа тешко го голтаат домашните критичари на Алијансата. Меѓу дипломатите на НАТО е проширено мислењето дека „држава во која не постојат интелектуалци и новинари кои не го критикуваат НАТО, има проблеми со демократијата“. Анимозитетот кон НАТО, не значи дека критичарот е непријател, туку едноставно критичар, индивидуа со сопствени ставови. Единствено се сомневам во силината на аргументите на нашите „антинатовци“, чии ставови се конзервативни и праволиниски.