Време е за реформи, премиере

Премиерот работи на тоа да го зголеми парламентарното мнозинство со коалиција со сите опозициски партии освен ДПМНЕ, но и со тоа ќе му фалат уште најмалку 10 пратеници да стигне до двотретинско мнозинство. При ова состојба има две несигурни опции, едната е под притисок на меѓународната заедница партијата ДПМНЕ или дел од неа да покаже конструктивност, а втората опција е да се придобијат најмалку 10 пратеници од ДПМНЕ да станат независни и ги поддржат реформите! Трето нема...

1431

По изминатите 10 месеци новата влада на СДСМ не е почнала да ги спроведува најавените реформи, прво во правосудниот систем како приоритет од сите реформи во другите сектори. Откако е донесен Законот за јазиците што подигна една голема врева околу потпишување на Указот за објавување на Законот, како и почнување на преговорите со Грција за името кои се во тек, редно е премиерот на Владата да го отвори процесот на реформите што македонската јавноста  со душа ги очекува!

Владата на СДСМ на почетокот формира тело за реформа на правосудството составено од експерти по право, но потоа брзо тоа тело се распушти откако некои од експертите се повлекоа од тоа тело. Потоа Владата беше концентрирана на потпишување на договорот за пријателство со Бугарија, доста време се изгуби во донесување на законот за употреба на јазиците, а во последно време премиерот заедно  со министерот за надворешни работи беа зафатени со преговорите со името што се води со Грција. Ако се чека да се реши исходот со името, треба многу да чекаме, а можеби до успешно окончување на преговорите нема никогаш да дојде. Поради ова, Премиерот не треба да губи време со лично ангажирање во преговорите со Грција, доволен за таа работа е министерот за надворешни работи кој одлично си ја врши работата. Време е Премиерот лично да се посвет и на реформите, почнувајќи од реформите во судството, што го бара и македонската јавност и меѓународната заедница.

Читам на 28 март во Владата се одржа конститутивна седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2020), на која беше презентиран Нацрт – деловник за работа на Советот. Значи е формиран Совет за судски реформи, но кога го прочитав составот дека тој се состои од преку 20  члена од кои скоро сите се судии од судовите, а премиерот Зоран Заев е претседател на ова тело, се разочарав. Одма ќе кажам погрешно, еве зошто! Прво, премиерот има министер за правосудство што треба да биде по функција на чело на ова тело, кој баш сега го нема, а премиерот може само да бара резултати и врши контрола над работата на ова тело а не лично да се занимава со работа што не е негова. Второ, зошто судиите, а не експерти треба да прават реформи во правосудството?! Одговорот е едноставен, ако судиите правилно си ја вршеле својата работа, биле со личен интегритет и независни во своето работење, ќе немало потреба од реформи! Не е можно судии сами себе да се преобразат, не може. Реформите во било која сфера, па и во судството, треба да ги прават независни експерти од соодветна област, а не вработени во тие сектори! Но да се надеваме дека работите ќе тргнат од место… Се плашам да не се случи како кога владата на Никола Груевски по извештајот на Прибе одма изготви програма за спроведување на реформи и на тоа остана!

Премиерот и македонската јавност е свесна дека за донесување на реформските закони е потребно двотретинско мнозинство (81 пратеник) кое оваа влада го нема. Познато е дека опозицијата, партијата ДПМНЕ,  предводена од Мицкоски, лоша копија на Груевски, нема да даде поддршка на реформите, а можеби ќе остане надвор од парламентот и во иднина. Доколку опозицијата и влезе во Парламентот, за кое има најави, таа нема да ги гласа законите каде се бара двотретинско мнозинство, дури постои можност да прави силни опструкции исто како што направи со поднесување на 35 илјади амандмани при однесување на Законот за јазиците. На опозицијата, ваква каква е, воопшто не треба да ѝ се верува кога вели ќе ги подржала реформите, таа фолира пред меѓународната заедница дека е за реформи, а всушност таа бега од реформи како ѓавол од темјан! Додека Никола Груевски е на слобода и ги влече конците како во куклен театар, не може да се очекува опозицијата предводена од лидерот Мицкоски кој беше заедно со тепачите, пардон со „народот“, во Парламентот на 27 април, да биде конструктивна опозиција!

Премиерот Заев се наоѓа во една незавидна состојба, нестабилна влада со кревко мнозинство во Парламентот, од една страна и недорасната и деструктивна опозиција со силни опструкции за сѐ што работи Владата, од друга страна. Чаре? Искрено да кажам, не знам! Премиерот работи на тоа да го зголеми парламентарното мнозинство со коалиција со сите опозициски партии освен ДПМНЕ, но и со тоа ќе му фалат уште најмалку 10 пратеници да стигне до двотретинско мнозинство. При ова состојба има две несигурни опции, едната е под притисок на меѓународната заедница партијата ДПМНЕ или дел од неа да покаже конструктивност, а втората опција е да се придобијат најмалку 10 пратеници од ДПМНЕ да станат независни и ги поддржат реформите! Трето нема…

Време е за реформи, ПРЕМИЕРЕ!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...