Нема никакви дилеми дека единствен извор за одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан кој ќе ги приближи кон земјите од ЕУ е токму интензивирање на регионалната економска интеграција и зголемувањето на трговската соработка во рамки на регионот. Земјите од Западен Балкан како мали економии можат да ја подобрат алокацијата на ресурсите и да ја зголемат својата продуктивност единствено преку искористување на економијата од обем со поголема регионална и меѓународна интеграција. Тие можат да ја подобрат својата позиција на глобалните пазари само ако соработуваат со други поразвиени земји обезбедувајќи на тој начин трансфер на технологија и знаење што ќе им овозможи да се вклучат во нивните синџири на снабдување преку производство и извоз на производи со повисок степен на финализација и додадена вредност.
Трговска интеграција
Иако поминаа речиси 12 години од склучувањето на ЦЕФТА-Договорот, земјите од регионот не ја искористија можноста регионално да се поврзат и да соработуваат, по примерот на земјите од Европската унија кои економскиот раст го темелат токму на трговската интеграција. Треба да е јасно дека темелите на регионалната соработка треба да се зајакнат бидејќи тие се услов за поширока европска интеграција. Ако од 2006 година, кога беше потпишан ЦЕФТА-Договорот, учеството на размената со земјите од ЦЕФТА во вкупната трговија на Македонија со светот се движеше од 18,7% (во 2007 година) до 20,7% (во 2009 година), веќе од 2010 година тоа учество почна да се намалува и изнесува не повеќе од 11%. Истото се однесува и на Србија, БиХ, Албанија, кои како и Македонија се сконцентрирани кон пазарите на ЕУ, чие учество во извозот надминува 70%. Единствено состојбата е поразлична кај Црна Гора и Косово, кои имаат извоз од околу 30 до 40% во рамките на ЦЕФТА-регионот, приближно колку што имаат и во земјите на Унијата.
Ова јасно укажува дека обемот на соработката во рамките на регионот се намалува, земјите се слабо интегрирани во светската трговија, а наспроти тоа светскиот извоз во изминатиот период забележува значителен пораст. За илустрација, земјите од Западен Балкан со извоз на добра и услуги од близу 40% од БДП далеку заостануваат во однос на другите земји, како, на пример, Словачка, Естонија, Латвија и Словенија, чиј извоз достигнува и до 80% од БДП. Според истражувањето кое Стопанската комора на Македонија го нарача од Виенскиот институт за меѓународни економски односи, ако сакаме македонската економија да забележи подинамичен економски раст, потребно е учеството на извозот во БДП да биде над 70%.
Повеќе години наназад, Стопанската комора на Македонија преку ЦЕФТА Коморкиот форум до владите на земјите – потписнички на Договорот апелираше дека е потребно да се продолжи со активностите во насока на елиминирање на бариерите и да се зголеми ефикасноста со скратување на времето од моментот кога економскиот ентитет поднесува извештај за одредена бариера, до моментот на решавање на барањето. Во случај кога нетарифните бариери кои се јавуваат во земјоделскиот сектор не може да се решат на билатерална основа, коморите предлагаа да се вклучи и арбитражата наместо да се пролонгира решавањето за еден подолг временски период, кој може да резултира со губење на довербата во ЦЕФТА- земјите или воведување контра мерки од некоја од земјите потписнички на договорот.
Најзначаен партнер
Од земјите во регионот, Србија е најзначајниот надворешно-трговски партнер на Македонија, на која отпаѓа половината од вкупниот обем на размена. Ако погледнеме подетално во билатералната размена помеѓу Република Македонија и Република Србија, ќе видиме дека околу 30% од меѓусебната размена се должи на земјоделско-прехранбениот сектор. Во 2017 година овој сектор оствари извоз во Србија од околу 66,5 милиони САД $, со што во вкупниот извоз во Србија учествува со 21%, што претставува намалување од 38% во однос на 2013 година (106,9 милиони САД $). Во истиот период, од Србија е остварен увоз во вредност од околу 164,9 милиони САД $, кој во вкупниот увоз од Србија учествува со околу 30% и бележи раст од 10% во однос на истиот споредбен период (149 милиони САД $). Ваквите движења, со континуирано намален обем на извоз од Македонија, во најголема мера се резултат на бариерите кои се јавуваат во меѓусебната размена, што услови домашните производители да бараат други пазари, наспроти традиционално добрите трговски врски и воспоставената соработка со соседите.
Гледано од друг аспект, во рамките на земјоделско-прехранбениот сектор овие земји меѓу себе тргуваат многу слични производи. Србија во Македонија извезува кондиторски производи, зеленчук, производи од месо, брашно, што е речиси идентично со извозната структура од Македонија во Србија. Оттука, не треба да не изненадат настојувањата на земјите да наметнат нетарифни бариери и покрај воспоставениот Договор за слободна трговија во рамките на ЦЕФТА-земјите. Но, и покрај краткорочните ефекти што можат да се остварат преку заштита на домашното производство, таквите мерки се надвор од видикот на големата слика која е базирана на премисата дека од слободната трговија и регионалната интеграција на долг рок добиваат сите земји.
За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговијата, сега е вистинското време да се повлечат мудри потези поткрепени со силна поддршка од ЕУ и од другите релевантни меѓународни чинители во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговска соработка, што ќе обезбеди економски просперитет за сите земји. Затоа е неопходен политичкиот консензус и волја кај сите чинители во регионот за придвижување на овој процес, како и директна поддршка од ЕУ, која е вклучена во интеграцискиот процес и го гледа регионот како просперитетен иден политички и економски партнер на Унијата.
П.С. Одложувањето на што и да било за бизнисот е директна финансиска штета, па макар и заеднички седници на владите. Бизнисот е „алергичен“ на тој збор.