Во пад на хеликоптер во Њујорк загинаа сите пет патници

355

Во пад на хеликоптер, кој во саботата вечерта се урна во река недалеку од островот Рузвелт на Ист Ривер во Њујорк, загинаа сите пет патници колку што се наоѓаа во леталото, додека пилотот е спасен, соопштија денеска официјални лица.

Портпаролот на Сојузната авијатичарска администрација изјави дека во текот на ноќта хеликоптерот Еурокоптер АС350 паднал во њујоршката река. Причините за падот се уште не се познати. Истрагата е во тек.

Информацијата за урнувањето на хеликоптерот ја потврди и кабинетот на градоначалникот на Њујорк, кој на Твитер напиша дека нуркачи од њујоршката полиција ја пребаруваат реката.

На видео снимка, направена од случаен минувач, објавена на Твитер, се гледа како црвен хеликоптер одеднаш се урива во вода и се превртува.

Станува збор за приватен хеликоптер во сопственост на компанијата Либерти хеликптерс, кој бил изнајмен за фото- сесија, а се урна во близина на резиденцијата на градоначалникот.

Пилотот успеал да се извлече од леталото, по што го спасил реморкер, наведуваат официјални лица.

– Телата на патниците беа пронајдени од припадници на полиција и пожарникарите, изјави комесарот на противпожарната бригада Даниел Нигро, истакнувајќи дека се случила голема трагедија.

Властите засега не ги објавија имињата на пилотот и патниците, ниту пак прецизираат како загинале патниците.

Очевидци, кои шетале покрај кејот во моментот на несреќата, наведуваат дека хеликоптерот летал со голема бучава, а потоа одеднаш паднал во водата и  набрзо се појавил на површината, по што изнуркал и пилот.

– Водата е ладна. Леталото брзо тонеше, опишува Мери Ли за „Њујорк пост”.

Во 2009 година, хеликоптер од истиот модел во сопственост на компанија, која изнајмува летала за приватни летови и туристичко разгледување на градот, се судри со мал, приватен авион над реката Хадсон, при што погинаа девет лица меѓу кои и група италјански туристи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...