Едгар Алан По ја дефинирал глупавоста како „талент за неразбирање“. Оваа луцидна интуитивна дефиниција што ја разоткрива длабоката психолошка основа на човековата глупост, меѓутоа, може да нè однесе во погрешна насока да го набљудуваме овој општочовечки феномен како вродена маана. Генетската „формула“ на глупоста не е во состојба да даде објаснение на најочигледното својство на глупавоста – дека докажано паметни и образовани, или барем нормални луѓе, преку ноќ стануваат тешки глуперди, додека интелектуално скромни ликови и во тешки ситуации знаат да делуваат сосем разумно и мудро.
Студијата на случај со тајна шифра „Хорхе еступидо“, ја просветли во таа смисла светската наука за глупоста, зашто постојат сведочења дека човечето било сосем нормално суштество, додека во милионити дел од секундата не се претвори во најмасивната вртложна црна дупка на глупоста во познатиот универзум. Испаѓа дека Бонхоферовата дефиниција на глупоста што тврди дека се работи за сложен психосоцијален феномен, еден вид на ситуациски индуциран „дефект на човечноста“, подобро ни ги осветлува недофатливите димензии на оваа сеприсутна но таинствена појава.
Состојба на духот
По сè изгледа дека глупавоста, всушност, е состојба на духот предизвикана од социјална ситуација во која човечкиот интелект и карактер не се снаоѓаат добро. Таа се појавува како реакција на егото во моменти кога тоа е приклештено помеѓу свеста за сопствениот мал интелектуален формат наспроти несовладливата амбиција за искачување на социјалното скалило повисоко отколку што му „дофаќа губерот“. Оваа инхерентна психосоцијална спротивставеност на сопствената неспособност и амбицијата, ја создава потоа глупоста буквално ex nihilo, и еднаш создадена, таа почнува да вртложи и да ја зголемува масата со помош на уште едно нејзино мистично својство – на ароганцијата! Како се случува овој самосоздавачки вртложен феномен?
Болното его на алчниот по социјално признание – кога ќе го препознае потсмевот на околината како резултат на неговата прва глупост – како заштитен механизам ја вклучува горделивоста, што го тера да ја „рационализира“ сопствената глупоштија со правење на уште поголема глупост, што, пак, предизвикува дури и поголема ароганција која ја зголемува така темната маса на глупоста до астрофизички размери…
Но, дека глупоста може да има и свои историски причини и да опфаќа цели нации и држави, до неодамна не му беше познато ниту на проминентниот македонски огранок на Светското научно друштво за изучување на глупоста.
Факт е, меѓутоа, дека веќе постојат премногу научни докази дека Македонците стануваат се поглупави од година во година, и дека овој навидум необјаснив регресивен тренд –додека се занимававме со вмровските идентитетски политики – манифестираше вртложно зголемување на глупоста на национално ниво, и тоа според законите на стрмна логаритамска крива. А, не се работи ниту за наследна ниту за културно-историски обусловена глупост или „традиција“, зашто првите четириесет години од раѓањето на македонската држава во рамките на југословенската федерација, бевме не само паметни и креативни, туку и шампионски рационални и прогресивни.
Испаѓа дека процесот на забрзано заглупавување кое резултираше со национална ренесанса на малоумието, што, како што реков, достигна интергалактички размери, ни се случи дури откога се стекнавме со „со векови сонуваната“ независност. Дали е ова „случајна коинциденција“, или се работи за културно-историска обусловеност?
Капитулација на модернизмот
Јас би се обложил на второво, зашто југословенскиот социјализам се темелеше на најдоблесните универзални вредности, било да се работи за остварените човечки права и квалитетот на животот, или пак за интелектуалниот производ и културата. Тој – југословенскиот социјализам – го беше прифатил до сржта на своето битие европскиот и американскиот модернизам од првата половина на XX век. А, тој модернизам беше непосредна консеквенција и продолжение на просветителството и позитивизмот – едно сеопфатно општествено движење со прометејска мисија, движење кое најмногу од се ги афирмираше творечките моќи на човекот.
Тој универзален модернизам во чијашто плацента се разви и македонскиот општествен и културен идентитет, имаше неограничена верба во научните сознанија, рационалистичките методи и моќта на човекот да ги преобликува и унапреди околностите на својата егзистенција. Во пазувите на тој светоглед и во коло со другите јужнословенски народи – колку и да изгледа тоа сега неверојатно! – ние Македонците создадовме една респектабилна култура и цивилизација и, неспорно, бевме не само паметни, туку и се попаметни целото тоа време.
За жал, модернизмот имаше жестоки противници секаде во светот: на запад против него беа апсолутизмот на старите империи, десничарскиот популизам, традиционализмот, колонијализмот и фашизмот, додека во Југославија и нашата непрежалена Македонија, тоа беа подмолните „кочничари“ на прогресот, застапниците на митовите на национализмот, биготизмот и одгледувањето на лажни идентитети и омраза. Од осумдесеттите години, модернизмот почна да ги губи битките секаде во светот, а по распаѓањето на социјалистичкиот блок и левата политичка мисла, тој капитулираше и го положи оружјето пред силите на глобалното мрачњаштво, транзициските капитализми, неолибералистичкиот колонијализам, економскиот расизам и новиот псевдодемократски фашизам.
Излезе дека заглупувањето на македонската култура под дејство на мрачната вмроизација на општеството ни се случи како мала, провинциска поплава што е предизвикана од разорните сили на светскиот потоп на прогресивните мисли и разумот. Дали ќе успееме на локално ниво да ѝ се спротивставиме на глобалната тенденција? Останува да видиме.
„Слободен печат“