Собраниската расправа за предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги врати пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во законодавниот дом. Сепак, во партијата велат дека нивното присуство на денешната седница не треба да се толкува како дефинитивно враќање во парламентот, кое се очекува откако вчера по околу четири месеци поминати во притвор, од затворот во Шуто Оризари излегоа осомничените за крвавите настани од 27 април, Митко Чавков, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои со одлука на Врховниот суд добија куќен притвор. Судот им го укина куќниот притвор на Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Игор Дурловски и Елена Божиновска – Доцевска.
Партиски извори, неофицијално велат дека, иако последните случувања одат кон тоа пратениците да се вратат во парламентот и да потврдат дека опозицијата нема намера да ги блокира реформските процеси во државата, сепак крајната одлука ќе се случи дури откако ќе заседава Извршниот комитет, но засега нема најава за седница на извршниот орган на партијата.
Овие ставови подоцна ги потрди и Зоран Илиоски, координатор на пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ кој рече дека дел од пратениците денеска присуствувале на јавната расправа бидејќи станувало збор за многу значаен закон.
-Сакавме да ги слушнеме забелешките на стручната фела, но тоа не значи дека ние сме вратени во Собранието – изјави пратеникот Илиоски.