ВМРО-ДПМНЕ бара Клинички да се гради на старото место

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека цената за раскинување на потпишан договор за Клинички центар, ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија, и тоа во висина од најмалку 7,5 милиони евра.

672

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвини Владата дека ќе треба да се платат околу 7,5 милиони евра пенали поради раскинат договор за изградба на нов Клинички центар што го потпиша претходниот министер за здравство Никола Тодоров во Владата на Никола Груевски.

– Апелираме Заев и Филипче да се откажат од сомнителните договори, да се откажат од прекинување на договорот за градба на Клиничкиот центар и да не дозволат граѓаните да се лекуваат до 2030 година во несоодветни услови и застарени згради. Вчера разбравме дека нема никаков готов проект за нов Клинички центар и дека не им е јасно каде ќе биде лоциран, односно како што велат таму некаде меѓу Злокуќани и Бардовци. Покрај тоа, Министерството за здравство преговара со кредитори за обезбедување на финансиски средства – рече Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конфренција.

Тој потсетува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ има подготвено проект од консултанти и експерти од Шпанија, Германија и Франција, а потпишала и договор за изградба на нов Клинички центар со целосна поддршка и финансирање од Банката при Советот на Европа.

– Истиот тој договор СДСМ сака да го раскине и е спремен да плати милиони евра, нормално не од своите туку од џебот на народот. Идејата на Зоран Заев за раскинување на потпишан договор за Клинички центар, ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија, и тоа во висина од најмалку 7,5 милиони евра колку што претпоставува СДСМ. Според меѓународната практика, сепак, пеналите кои што треба да се платат за раскинување на ваков договор може да достигнат и до 10% од сумата на договорот или околу 12 милиони евра народни пари – вели Николов.

Николов прашува дали во врска со земјиштето во Брдовци се консултирани и археолозите кои велат дека станува збор за археолошко неистражено земјиште на кое нема да може да се гради.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...