Владина Агенција и Инспекторат ќе го надгледуваат спроведувањето на Законот за јазиците

Надзорот ќе ги врши посебен Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда во својство на правно лице.

1284

Прво ќе се формира владина Агенција за примена на јазикот која ќе ја врши имплементацијата на Законот за јазиците кој вчера беше усвоен, а се очекува до наредната недела да се знае кој ќе врши инспекција на спроведеното, велат од Министерството за правда.

– Чекавме прво да заврши гласањето во Собранието, по што се очекува да продолжи формирањето на Агенција, а и Инспекторат кој ќе врши надзор како тече спроведувањето на Законот за јазици – вели Бесим Шаќири, портпарол на Министерството за правда.

На прашање на Плусинфо има ли Министерството за правда податоци колку ќе нѐ чини новиот закон и колку вкупно нови вработувања ќе бидат реализирани со неговата имплементација, Шаќири вели дека во текот на наредната недела се очекува да бидат познати повеќе детали, по што ќе ја информираат јавноста.

Во образложението за спроведување на законот објавен на веб страницата на Министерството за правда пишува дека фискалните импликации врз буџетот ќе тежат 106 милиони денари. Потребни ќе бидат и дополнителни средства, а во првата година, за да се формира Агенција за примена на јазикот што го зборуваат
најмалку 20 отсто од граѓаните и Инспекторат се проценува дека ќе се потрошат 16 милиони денари, кои ќе се обезбедат од буџетот за 2018 година.

Вработувањата во новите институции, еден дел ќе бидат реализирани по пат на преземање од други државни институции, пред сѐ, од Секретаријатот за спроведување
на Рамковниот договор. Дополнително ќе треба да се обезбедат уште 90 милиони денари во буџетот за 2018 година кои ќе бидат распределени за различни буџетски корисници за имплементација на одредбите на новиот закон.

Владата ќе го избира директорот на Агенцијата на јавен повик, со мандат од 4 години со право на реизбор.

Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи, ќе се вработуваат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Надзорот ќе ги врши посебен Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда во својство на правно лице.

Законот за јазиците ќе стапи во сила откако ќе биде објавен во Службен весник, а во рок од една година сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за негово спроведување. Потоа во рок од шест месеци институциите ќе мора да го спроведат Законот за јазиците. Оние што нема да го почитуваат ќе платат глоба од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...