Владата повикува: Агенцијата да го најде виновникот за говорот на омраза во „Млади поети“

Каевски тврди дека не бил задолжен за содржината на збирката, туку само за спроведување на постапката, а токму во постапката се констатирани многу грешни чекори.

415

Владата на Република Македонија го осудува говорот на омраза и дискриминација кој е идентификуван во еден дел од содржината на збирката поезија од проектот „Млади поети”, вели портпаролот Миле Бошњаковски на прашање на Плусинфо дали директорот на Агенцијата Дарко Каевски ќе биде разрешен со оглед на тоа што тој  смета дека не треба да поднесе оставка, ниту пак има намера да ја понесе одговорноста за скандалот.

– Македонија е отворено, слободно, едно општество за сите во кое нема место за таков тип недолична комуникација. Владата ја повикува Агенцијата за млади и спорт да го расветли случајот до крај, да ја идентификува одговорноста, да ја санира штетата и да гарантира дека нема да се повтори грешката – вели Бошњаковски.

Нејасно е како се очекува Агенцијата да го расветли случајот, кога е очигледно дека директорот Каевски, кој е и уредник на изданието, нема поим, за што биле потрошени 150.000 денари од државната каса. Каевски, како прв човек на Агенцијата, не знаел што финансира и што објавува неговата институција, не знае кој ги селектирал песните, не знае како станал уредник на збирка во која има недолична и дискриминаторска содржина, не знае дека и комисијата што ја избрале не одлучувала за песните…

Директорот на Агенијата за млади и спорт продолжува да го игнорира притисокот од јавноста и барањето да ја напушти фотелјата, дури и откако Комисијата за конкурсот „Млади поети“ се огради од скандалозната збирка и не застана зад неговите тврдења дека тројцата членови на жирито одлучувале кои песни ќе бидат објавени.

Каевски тврди дека не бил задолжен за содржината на збирката, туку само за спроведување на постапката, а токму во постапката се констатирани многу грешни чекори. Настрана, што изјавата дека не знаел кога бил избран за уредник уште повеќе ја комплицира ситуацијата – очигледно е дека неговата желба за директорување, нема никаква врска со потребата да се биде одговорен директор.

И откако пукна бруката дека и авторот на сексистичката поезија бил подметнат, па дури и ја минирал возрасната граница на конкурсот за млади поети до 29 години, Каевски нема намера да признае дека не е кадерен да се носи со одговорноста на функцијата и дека етичноста на која се повикува како прв човек на Агенцијата за млади и спорт, повлекува заминување од директорската позиција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...