Премиерот Зоран Заев денеска имал средба со претставнички од UN Women – тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, на која разговарале за важноста на прашањата поврзани со родовата еднаквост при креирање на Буџетот и за чекорите што треба да се преземат со цел планирањето на програмите и јавните финансии да одговори на потребите на жените и мажите.
„Премиерот Заев на средбата истакна дека по однос на ова прашање веќе е време да се зборува за конкретни практики, а не само за теоретски решенија. Потенцирајќи ја отвореноста и волјата на Владата за подобрување на родовата еднаквост во државата, тој истакна дека и досега Владата прави напори за напредок во областа на родовата еднаквост и правата на жените“, соопшти владината прес-служба.
На средбата присуствувале и министрите за труд и социјална политика и за финансии, Мила Царовска и Драган Тевдовски, кои со претставничките на телото за родова еднаквост при ОН размениле конкретни предлог-решенија како да се воспостави трајна врска помеѓу родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, преку алокација на неопходните ресурси за негова имплементација.
„Беа разгледани и можности за спроведување родови анализи како инструмент за подобрување на потребите на мажите и жените при креирањето на буџетските политики на земјата. Премиерот Заев и присутните министри на средбата истакнаа дека Владата има отворена волја да го унапреди механизмот на планирање на буџетските политики и во соработка со ОН да се изнајдат ефикасни алатки со кои родовата компонента успешно би се инкорпорирала во стратешкото планирање на Буџетот на Република Македонија“, информира владината прес-служба.