Вашингтон и Брисел на резиборот на Путин: Не сме изненадени!

316

Белата куќа „не е изненадена од резултатот” од претседателските избори во Русија, што му овозможија на Владимир Путин уште шестгодишен мандат.

Портпаролот Хуган Гидли соопшти дека се уште не е закажан телефонски разговор со цел американскиот претседател Доналд Трамп да му честита на резиборот на својот руски колега.

На прашањето дали Белата куќа цени дека изборите во Русија биле слободни и фер, портпаролот кусо одговори: „Не сме изненадени од резултатот од изборите“.

– Ќе работиме на култивирање на односите со Русија, и ќе спроведуваме казнени мерки кога Русија ќе се закани на нашите интереси. Сепак, ќе бараме области да работиме заедно кога тоа ќе служи на нашите интереси – појасни Гидли.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска соопшти дека на вчерашните избори во Русија „немало вистински избор“.

„Избор без вистинска конкуренција, која овде ја видовме, не е вистински избор“, се посочува во соопштението на ОБСЕ.

По забелешките на ОБСЕ, реагираше и Европската Унија.

– Изборите беа спроведени во високо контролирана правна и политичка средина, проследена со продолжен притисок врз критичните гласови. Очекуваме Русија да се позанимава со корекција на овие прекршувања и пропусти, за кои сигнализира мисијата на ОБСЕ – се вели во соопштението на ЕУ.

Унија упати критика и за тоа дека во претседателските избори бил вклучен и Крим, „чија анексија“ не ја признава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...