Варуфакис и Хорват создаваат прва транснационална изборна листа за Европскиот парламент

412

Европските левичарски ѕвезди Варуфакис и Хорват создаваат транснационална листа за ЕУ парламентот: „Ако не ја спречиме десницата, не чека европска граѓанска војна“.

На изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат во мај следната година за прв пат ќе учествува и транснационална листа која ќе може да добие доверба од гласачите во неколку европски земји, меѓу кои, очигледно, и од Хрватска. Зад таа листа стои Движењето за демократизација на Европа, познато како DiEM25, чиј најистакнат член е харизматичниот Јанис Варуфакис, економист со меѓународна кариера и професор на Економскиот факултет во Атина, кој е најдобро познат на пошироката јавност како поранешен министер за финансии во првата влада на Алексис Ципрас во 2015 . Еден од најблиските соработници на Варуфакис и основач на движењето DiEM25 е и истакнатиот хрватски филозоф Среќко Хорват, пишува Борис Орешиќ за Јутањи лист.

– Може да ве изненади, но DiEM25 не е левичарско движење. Освен што собира многу лево ориентирани личности, од Јанис Варуфакис до Ноам Чомски, од Кен Лоач до Наоми Клајн, DiEM25 во исто време како членовите има и многу „зелени“, и либерали, па дури и конзервативци. На кратко, сите тие кои сметаат дека сегашниот распад на Европската унија не е само лошо за демократијата, безбедноста и мирот, туку исто така и за економијата – вели Хорват, првиот Хрват кој во Европскиот парламент би можел да влезе вон опсегот на хрватските политички партии.

Според него, првата транснационална листа за следните европски избори беше официјално основана минатата недела во Неапол, како и заедничкиот транснационален совет кој ќе управува со тој потфат со претставници од, досега, седум партии од седум различни европски земји покрај DiEM25 како движење кое ја иницираше таа транснационална листа.

Основачите на движењето DiEM25 имаат за цел да создадат темели за посткапиталистичка Европа, бидејќи капитализмот го сметаат за долгорочно неодржлив. Како потенцијални гласачи во Хрватска ги гледаат сите оние кои се незадоволни со внатрешната економска и социјална политика која подразбира понатамошна приватизација и губење на монетарната сувереност поради воведувањето на еврото.

Хорват предупредува: „Нема развој во Европската унија, а камоли одржлив развој, туку имплозија. Кризата што допрва треба да дојде, ако на време не ја запреме, нема да биде само криза, туку граѓанска војна која веќе се наѕира на улиците на Европа, од тероризам до фашистички групи што маршираат и убиваат бегалци“.

Неговиот колега Варуфакис истакнува дека европската криза е систематска, па затоа треба и да се реши систематски.

„Само транснационална политичка партија може да има мандат да имплементира систематски паневропски политики што на Европа очајно ѝ требаат. Хрватска мора да биде дел од тој проект ако сака да биде дел од Европа која создава решенија, а не нови проблеми“.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...