Вардар ги проголта селата во Општина Јегуновце

Најпогодено е селото Раотинце, како и селата Сиричино, Туденце и Копанце. Речиси целата земјоделска површина е поплавена, вода има во куќите и дворовите, но и на јавните површини од оваа рурална општина.

631

Селата од Општина Јегуновце долж Повардарието „пливаат под вода“  откако Вардар се излеа. Речиси целата земјоделска површина е поплавена, вода има во куќите и дворовите, но и на јавните површини од оваа рурална општина.

Најпогодено е селото Раотинце, кое е најниско во регионот. Во ова населено место не остана ниту педа обработлива земјоделска површина. Тоа што го засадиле мештаните е веќе уништено, а пролетната сеидба не можат да ја реализираат, затоа што во нивите има и по еден метар вода.

– Тоа што е засадено, на пример луцерката или пченицата, е веќе уништено, а за неколку недели треба да почне пролетната сеидба, но оваа вода тешко да се повлече од нивите. И да се повлече ќе им премногу кал, тука трактор не ќе може да влезе за да ора. Оваа година треба да заборавиме на земјоделието, од кое ова население егзистира – вели жител на Раотинце.

Во Општина Јегуновце, освен Раотинце, поплавени се и селата Сиричино, Туденце и Копанце. Селаните велат дека веќе се навикнати на поплавите, ги има речиси секоја втора година, иако, според нив, треба многу малку да се интервенира за да се спречат. Треба малку да се прошири и да се регулира коритото на Вардар и проблемот ќе биде решен.

– Во Раотинце треба да се регулира коритото во должина од три километри за да можеме да се спасиме од овие води кои ни влегуваат во дворови, ниви и куќи. Само така можеме да спиеме раат, ама властите не преземаат никакви мерки – рече жител на Раотинце, кому поплавата му уништи 15 декари обработлива површина.

– Последниве пет години, властите доаѓаа откако ќе се поплавевме, нѐ посетуваа и ни велеа дека ќе го регулираат коритото, ама од тоа на терен нема ништо – додаде жител на Копанце.

Селективно обесштетување

Жителите на Општина Јегуновце се жалат дека државата не ги обесштетува откако нивните ниви ќе ги проголта водата.

– Јас лично повеќе од две децении памтам дека ми се поплавуваат нивите, а ниту еднаш не сум обесштетен. А некои се обесштетени. Дали се работи за политика, не знам. Се занимавам со земјоделие, ама поради поплавите повеќе сум зијан отколку ќар – вели жител на Раотинце.

Од Општина Јегуновце велат дека општинска комисија веќе е излезена на терен за да ја утврди штетата за годинашнава поплава.

– Ние веќе ги пративме комисиите на терен. Граѓаните ќе се обесштетат, без разлика од кое село се, или дали станува збор за поплавен дом, двор или нива. Ние сме во контакт и соработуваме со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Ја следиме состојбата во поплавените населени места. Таму каде што има потреба и каде што мислиме дека ќе биде од корист, поставуваме вреќи со песок. Интервенираме таму каде што може да влезе механизација околу Вардар. Откако малку ќе се повлече реката, повеќе ќе се вклучи механизацијата – рече Димитар Костадиновски од Општина Јегуновце.

Ветувањата за регулација на Вардар биле само празни. Претходната локална власт велеше дека за Вардар има изработено проект за негова регулација. Проектот, како што изјавуваа бил стар две децении, но досега никој немал волја да го реализира. Иако беше најавено дека проектот ќе биде спроведен етапно, по фази, на терен немаше градежни активности.

Празни проекти за регулација на Вардар

Новиот градоначалник на Општина Јегуновце, Дарко Блажевски, вели дека кога дошол во општината не видел никаков проект за регулација на коритото на реката Вардар. Според него, најверојатно станувало збор за празни ветувања на претходните власти.

– Велеа дека се работи на проект за регулација на Вардар на потег од Сирично до Раотинце, кој би изнесувал 6 милиони евра, но на терен никој ништо нема преземено за таа регулација. Не најдов таков проект во Општината кога дојдов. Сега се обратив до државните институции, можеби таму имаат некакво решение за регулирање на коритото – вели градоначалникот Блажевски.

Тој додаде дека е уверен дека со регулација на коритото ќе се спречат поплавите во овој регион.

– Во сите предизборни програма на сите политички партии за локалните избори, па и на мојата, имаше ветувања дека ќе се регулира коритото на Вардар. Но, за тоа да се случи треба државата да одвои пари, зашто овој проект е скап. Досега државата, за жал, не одвоила пари за регулација, а за понатаму ќе видиме – додаде Блажевски.

Населението од Општина Јегуновце единствен спас гледа во поволните временски услови, кои според метереолозите не им се наколнети. Според Управата за хидрометеоролошки работи, март ќе биде дождлив, а повисоките температури ќе предизвикаат топење на снегот на планините Кораб и Шар Планина, што дополнително ќе го зголеми водостојот на Вардар, кој секоја година им ја уништува и последната педа обработлива површина на мештаните од овој крај.

 

Зоран Димовски

„Слободен печат“

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...