Турскиот Парламент синоќа ја усвои легислативата со која платформи за стриминг во живо, вклучувајќи ги и медиумите, ќе бидат под мониторинг на регулаторот за радиодифузија на земјата, јави државната новинска агенција Анадолија.
Опозицијата се противи на тој чекор, оквалификувајќи го како цензура. Владата ги „блокира сите платформи каде опозицијата може да дише и да се изразува“, напиша на Твитер Барис Jаркадеш од лево-центристичката Републиканска народна партија.
Експертите предупредуваат дека со законот може да бидат засегнати и платформи како што е Нетфликс.
Законот, поднесен од владејачката „Партија на правда и развој“ бара од компаниите да аплицираат за дозвола од регулаторното тело пред да вршат стримиг во живо.
Регулаторот има право да го затвори сервисот за 24 часа по одлука на Судот.
Според одредени, неофицијални податоци, во Турција се блокирани околу 172 илјади веб страници, вклучувајќи ја и Википедија, пренесува ДПА. Во еден период, во таа земја беа блокирани Твитер и Јутјуб.