„Црвено знаменце“ ќе алармира дека јавната набавка е коруптивна

119

Јавните набавки ќе подлежат и на системска проверка, а поголемите набавки ќе имаат и претходна контрола, убедуваат подготвувачите на новиот закон.

„Црвено знаменце“ ќе алармира дека јавната набавка е коруптивна, ќе има системска контрола, а поголемите набавки ќе бидат подлежни на претходна контрола од Бирото за јавни набавки. Ова е предвидено во нацрт текстот на новиот Закон за јавни набавки кој денеска беше презентиран пред бизнис заедниците.

Директорот на Бирото за јавни набавки, Ѓорѓи Георгиевски информира дека претходна контрола ќе ја врши Бирото за јавни набавки, а предмет на ваква контрола ќе бидат поголемите јавни набавки, како и набавки одбрани по одредени принципи и ризици утврдени во законот.

– Ќе воведеме таканаречен систем на „црвено знаменце“ кој ќе укажува на можна корупција за одредена јавна набавка. Бирото за јавни набавки ваквите јавни набавки ќе ги мониторира, а ќе мониторира и набавки кои ќе ги исфрли системот. Можно е тоа да биде петата или десетата јавна набавка – рече Георгиевски.

Тој информира дека е предвидено контролата на набавките ќе се врши системски во која ќе бидат вклучени и други институции Антикорупциската и Антимонополската комисија.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната презентација рече дека цен на новиот закон е да обезбеди полесна постапка за јавни набавки да обезбеди контрола и поголема транспаренстност.

– Во согласност со европските правила и практика, новиот Закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. При тоа договорниот орган зависно од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот – рече Тевдовски.

Тевдовски појасни дека електронските аукции остануваат, но опционално, конзистентно со европските правила и практика, но се стеснува употребата на негативните референци кои ги побара деловната заедница и увидените слабости од досегашната практика.
Олеснување за дел од институциите, градинки училишта…, е тоа што се зголемуваат праговите за примена на законот од 500 на 1.000 евра и се разјаснува начинот на вршење на малите набавки.

Според нацрт текстот на Законот се воведува обврска за известување за малите набавки..

– Ќе се воведе електронски пазар на мали јавни набавки. Тој ќе биде во вид на електронски каталог, што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа – рече Тевдовски.

Бизнисмените пак се надеваат дека нивните забелешки кои ќе следуваат по анализа на нацрт текстот на законот ќе влезат во финалниот текст.

– Добро е што стопанствениците се вклучени во подготовката на овој закон и очекуваме да биде донесен ефикасен и лесно применлив закон за јавни набавки – рече Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора.

Експертите од областа пак велат дека со новиот закон за јавни набавки треба да се олесни организирањето на набавките.
– Новиот закон за јавни набавки треба да обезбеди организиарањето на набавките да биде привлечна постапка, а не да биде терет – рече Анета Данева Мострова

Оценка на СИГМА, заедничка иницијатива на ЕУ и на ОЕЦД за помош на државите од регионот во подобрување на јавното управување е дека македонскиот систем за јавни набавки е во согласност со главните обврски на ЕУ, но е премногу бирократски, фокусиран на формалности и многу често се занемарува ефикасноста.

– Новиот закон за јавни набавки треба да ги намали бирократските обврски со поголем фокус на ефикасност и ефективност- рече Мариан Лемке, претставник на СИГМА.

Во наредниот период јавни расправи за законот ќе се организираат во Штип и во Струга. Треба да биде усвоен од Собранието до октомври годинава, а да започне да се применува од јануари следната година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...