Црна Гора отвори конзулат во Македонија, Азески почесен конзул

297

Црна Гора денеска отвори конзулат во Македонија со седиште во Штип со кој се очекува да се продлабочи досегашната соработка и да се подигнат на повисоко ниво дипломатските односи меѓу двете држави.

– Во наредниот период, Црна Гора и Република Македонија интензивно ќе работат кон зајакнување на економската соработка, за што ќе придонесе и новата директна авио-линија на релација Скопје-Подгорица. Црна Гора и Република Македонија потребно е со заеднички сили да ги искористат поволностите што ги нуди Европската унија, итакна црногорскиот амбасадорот Предраг Митровиќ на официјалното отворање.

Почесниот конзул на Црна Гора во седиште во Штип, Бранко Азески ја нагласи важноста на соработката и добрите односи меѓу двете држави, а отворањето на Конзулатот, според него, дополнително ќе придонесе за взаемното приближување пред се на економски и културен план.

Во однос на туристичката соработка беше потенцирано дека двете држави треба повеќе да се заложат за развој на туристичкиот сектор преку заеднички промоции и понуда на туристички пакети, а особено значајна би била реализацијата на иницијативата за повторно воведување на авионската линија Скопје – Подгорица – Скопје.

Добра можност за унапредување на трговската соработка се гледа и во пласманот на свеж и преработен зеленчук и овошје и други земјоделски производи, како и во областа на градежништвото и метало-преработувачката индустрија.

– За сето ова да се реализира мора да бидат надминати одредени проблеми кои го оневозможуваат и обременуваат процесот, а тоа се овозможување погодна инфраструктура и надминување на поголем број прекугранични бариери кои го кочат самиот процес – смета Азески.

Обемот на вкупната трговска размена меѓу Македонија и Црна Гора во 2017 година изнесува 38,9 милиони американски долари и бележи зголемување од 16,5 проценти во споредба со минатата година. Иако споредбено трговската размена по номинален учинок помеѓу двете земји е релативно мала, сепак постојат нагорни трендови во зголемувањето на увозот и извозот, посебно во делот на преработувачката индустрија и земјоделските култури, додека пак во нагорна линија на увозот од Црна Гора се прехранбените производи и обработката на дрво, но најзначаен удел има порастот кај услугите во секторот туризам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...