„Цивил“ изразува згрозеност од, како што наведува, скандалозната одлука на обвинителството и кумановскиот суд за преквалификација на делото од „убиство” во „сериозен престап против безбедноста на луѓето и сообраќајната сопственост“, во случајот на малиот Алмир.
„Ова е апсурдно и понижувачко ниво на резонирање и постапување на еден правосуден систем кој очигледно длабоко забраздил во крајно неприфатливи практики. Кумановскиот суд вчера уште еднаш докажа дека правдата во Македонија е селективна и пристрасна. Срамното и скандалозно сценарио во случајот на малиот Алмир е уште една потврда за тоа“, се наведува во соопштението.
„Цивил“ бара итно преиспитување на целиот процес на судењето и бара одвојување на случајот за убиството на Алмир од случајот за физичката пресметка меѓу сите учесници кои, вели, мора да бидат санкционирани!
„Уште посрамно од одлуката на кумановскиот суд е однесувањето на обвинетиот Бобан Илиќ и неговиот брат во и надвор од судницата. Ваквото непочитување на судот, семејството на Алмир, но и на јавноста само уште повеќе ќе придонесе кон разочарување, револт и крајна недоверба во институциите на правдата и државата воопшто“, соопшти граѓанската организација.
„Цивил“ најостро го осудува вчерашниот напад врз новинарот на ТВ 21 и заканите кон него.
„Прашањето „Дали сакаш одма да се вратам во затвор?“ не може да се разбере никако поинаку, освен како закана по живот на новинарот и истата мора најстрого да се осуди и санкционира. Од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство бараме итна реакција и постапување по овие закани“, велат од „Цивил“.