Ципрас и Мицотакис меѓусебно се обвинуваат во Парламент за прашањето за името

629
ФОТО: EPA

Меѓусебни обвинувања за позициите во прашањето за името, си упатија грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис, за време на расправата во грчкиот Парламент посветена на предлогот на опозициската партија за формирање комисија за истрага и на тројца министри од владата на СИРИЗА за евентуална вмешаност во скандалот „Новартис“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, и покрај тоа што надворешната политика не беше воопшто тема на вчерашната седница, не останаа неспоменати и актуелните прашања како што е спорот со името, грчко – турските односи и случајот со двајцата грчки војници, уапсени во Турција.

Кирјакос Мицотакис, ја обвини грчката Влада дека нема една и заедничка позиција за името, додека пак Алексис Ципрас, возврати дека Нова демократија отстапила од националната линија и уште еднаш ги повтори грчките позиции во разговорите.

– Уште од прв момент ви рековме, зошто влегувате во овој разговор кога го немате обезбедено минималниот неопходен предуслов за да има заемно прифатливо решение, а тоа е промена на Уставот. Прво ни се потсмевавте, а потоа дојдовте на нашата линија. За сега, да излезе господинот Заев со огромна храброст да побара промена на грчкиот Устав, како одговор на тоа што ние му го кажавме, рече Мицотакис, по што следеше аплауз од неговите сопартијци од Нова демократија – објави МИА.

Ципрас рече дека тој воопшто не ја променил позицијата и имал чувство дека грчките ставови се всушност и националната линија во преговорите што ја поддржува и Нова демократија.

– Ние бараме решение во клучното, важното прашање за името на соседната земја со два основни предуслова: сложено име, ерга омнес, а ерга омнес, очигледно значи дека не може да биде ерга омнес само за надворешна употреба, туку и за внатрешна употреба, односно промена и на уставното име – одговори грчкиот премиер, коментирајќи дека опозициската партија, по протестите ја сменила позицијата за сложено име.

Мицотакис упати критики до Ципрас и поради тоа што во разговорите воопшто не ги вклучил и партиите од опозицијата, а наместо тоа грчкиот премиер одбрал прво да се сретне со неговиот македонски колега.

– Од прв момент ако сакавте можевте да ги вклучите и опозициските партии, но не го сторивте тоа. Прво разговаравте со скопскиот премиер, а потоа разговаравте со опозициските партии. Свесно го поделивте грчкиот народ, ги обвинивте и сите наши сонародници кои протестираа поради нивни причини, поради чувствителноста околу прашањето на Македонија, речиси сите ги карактеризиравте како ултра националисти, како фашисти, ги претставивте како толпа – рече лидерот на Нова демократија, на што Ципрас одговори дека уште пред средбата со Заев грчките позиции биле јасни, а како пример за разговори на премиерско ниво, без претходно да биде известена опозицијата, ги спомена средбите на Груевски и Папандреу пред осум години.

– Ме обвинувате дека прво се сретнав со премиерот на Скопје, а потоа се сретнав со лидерите на политичките партии. Не разбирам зошто ме обвинувате за ова. Господинот Папандреу, ако не десетици, имаше сигурно 6-7 неформални средби, и мојата беше неформална. Имаше средби со премиер на Скопје, со премиер на поранешната југословенска Република Македонија кој што не сакаше решение и за тоа не извести ниту еден политички лидер. Ни јас не донесов решение, ако немав новости да ви пренесам, немаше да има никаква смисла нашата средба – му одговори Ципрас на Мицотакис.

Претседателот на грчката опозициска партија, уште еднаш ја обвини Владата дека настапува со две позиции, бидејќи коалицискиот партнер Независни Грци не се согласува со официјалниот став. Мицотакис додаде дека кога министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и министерот за одбрана Панос Каменос имаат различни позиции, тоа не е „сериозна сликата на една влада“.

– Кога министерот за национална одбрана заедно со министерот за надворешни работи, ќе се најде заедно со вас на следниот НАТО Самит и ќе седат еден до друг, кој ќе ја изрази официјалната позиција на Република Грција? Вистината господине Ципрас, е дека денес кога разговарате со скопскиот премиер не разговарате како лидер на парламентарното мнозинство, туку како лидер на СИРИЗА – додаде Мицотакис.

Фото:EPA/ALEXANDROS VLACHOS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...