Бев студент во втора година во Академијата за драмски уметности во Тирана. Шефот на Катедрата за театарска режија, професорот Милто Кутали, ме викна на разговор во неговата канцеларија, и мене како охриѓанец ме праша за фестивалот Охридско лето, најголемиот и најзначаен уметнички фестивал во Македонија. Но, пред да продолжам за разговорот со професорот Милто, да кажам како стигнавме до него.
Судбинската душевна тетоважа со театарот ми започна многу, многу рано. Наспроти преубавата охридска гимназија која е изградена од Ејуп Сабри Бег, живееја познатиот охридски учител Беќир Оретмен Бег, и неговата сопруга Хусније абла, како што ја нарекував јас. Татко ми, беше близок пријател со нивниот син Тургут (кој живееше во Холандија), и се обидуваше да го замени кај неговите осамени родители. Одевме кога можевме на гости. Тоа време, имав преживеано само 4-5 охридски лета. Хусније абла, која исто така беше од многу видна беговска фамилија (како и нејзиниот сопруг), беше израснала како сираче во фамилијата на Исмаил Бег Влора, основоположникот на албанската независна држава и нејзин прв премиер.
Хусније абла беше секогаш весела, насмеана, мила и со сите обележја на племенита госпоѓа. Таа секогаш ќе најавеше церемонијално дека пристигна моментот кога таа ќе го направи специјалниот чај за мене, кој го нарекуваше „паша чаји“. Тоа беше истиот традиционален црн грузиски чај, но разреден со многу топла вода од самоварот, за да биде здравствено поприфатлив за да им се послужи на помали деца. Се разбира, педагошката цел беше за децата да се чувствуваат важни дека учествуваат рамноправни во церемониите на возрасните.
Инаку, „паша чаји“ беше знак, дека јас ќе мора да пеам, играм или да раскажувам простум и со гестикулации некоја приказна пред возрасните.
Знам, не е лесно да го заработиш чајот ако сакаш да станеш Агрон паша. Мора да понудиш од твојата безвезна умешност, макар таа била и актерска уметност. Хусније абла беше вешт сценски организатор, вистински продуцент во тие мали претстави кои на крајот заработуваа „паша чаји“. Подоцна како средношколец, во ЕМУЦ „Ј. Б. Тито“ – Охрид, беше професорката Благородна Буџаковска, која ме вклучи во школската драмска секција. Ја одигравме „Чест“ од Васил Иљоски и потоа „Тетовирани души“ и „Диво месо“ од Горан Стефановски. Јас го играв Цибра, во Кочани. Сакам јавно да ѝ се заблагодарам на мојата племенита професорка Благородна, која ги издржа јуначки и низ солзи, сите притисоци од видни градски „интелектуалци“ кои не можеа да го сварат фактот дека таа избрала „шиптар“ да глуми главни улоги во македонски претстави?!?!
Професорке Благородна, ви благодарам за сѐ, за вашата доверба, како и за вашата човечка, истовремено и педагошка храброст и пожртвованост. Вие успеавте, меѓу другото да го донесете и режисерот Васил Ќортошев во Охрид, за да поработи професионално со нас. Валентина Геровска Грамозли, врвно талентираната актерка од Битолскиот народен театар, е исто така ваш пронајдок и производ. Почитувана професорке Благородна, бевте вистинско богатство и благослов за нашето школо.
И ете, овој беше патот како стигнав до канцеларијата на професорот Милто, кој ме прашуваше мене, неговиот студент од Охрид за фестивалот Охридско лето: Агрон, ти знаеш дека ние од Албанија и Тирана, на само 150 км од граничниот Охрид, немаме никаква културно-уметничка соработка со Македонија. Разговарав и со колегиумот и со моите колеги од Албанскиот национален театар, и се согласивме дека ти би можел како охриѓанец да помогнеш да контактираме со надлежните во Интернационалниот фестивал Охридско лето. Затоа Агрон, би те замолил, донеси ни некој муабет, следниот пат кога ќе се вратиш од Охрид. Беше 1995 Господово лето, а сепак беше зима/пролет.
После неколку недели, влегов во зградата каде што е денес „Дак Кафе“. Таму беа канцелариите на националистичката институција Охридско лето. Тропнав тивко, и се претставив треперливо, како што би треперел смртник пред Зевс.
„Добар ден, се извинувам, се викам Агрон Биба, охриѓанец сум и студент по режија во Академијата за драмски уметности во Тирана. Ме замолија моите професори да контактирам со претставник од вашиот фестивал, за можна соработка и евентуално можно учество на некоја претстава од Албанскиот национален театар?“
Створот „Зевс“ во лик на човек позади неговата работната маса, стана како исфрлен од пружина и ми ја покажа вратата, велејќи дека селекционирањето е завршено и дека сѐ е веќе доцна. Јас се обидов да го продолжам разговорот, велејќи, ве разбирам господине, но само да воспоставиме некој првичен разговор, контакт за да ни послужи за следната година?!? Вратата веќе беше отворена, „Господинот“ функционер, вработен во шовинистичкиот фестивал Охридско лето, веќе „буквално“ ме поттурнуваше надвор од „неговите“ „нападнати“ простории. Тој си го сметаше Охридско лето за таткојна, а и мојот татко плаќаше данок за неговата државна плата?! Името не му го знам, суратот може само лоша ноќна мора да ми ја исфрли како црн бран. Мојот мозок го заборави веднаш неговиот квази-човечки лик, најверојатно затоа што одбранбено сакаше да не го регистрира доживеаното омаловажување и големата навреда. Се чувствував како Григор Прличе во Атина. Ова се случуваше во 1995 година во Охрид. Како и Прличе во Атина, и јас си го сретнав мојот Александрос Ризос Рангавис. „Автобиографија“ на Григор Прличе ја добив како награда за одличен успех во 1985 година, таа иста година кога ја одиграв мојата прва театарска претстава „Чест“ од Иљоски. Книгата ме влечеше како магнет за да ја прочитам повторно. Охридско лето имаше космполитски однос кон целата светска култура, освен кон мојата албанска, која токму во Охрид си е домородна. Нацисти. Се затетерајв до езерото и плукнав горчлив балгам, и којзнае, можеби и досега таа горка и густа плунка не е целосно разредена.
Поминаа години, веќе бевме зацапале во новиот милениум. Ќе ги прескокнам моите театарски и телевизиски актерски и режисерски активности кои гуглот не ги крие. После моето долго лондонско и неколкугодишно скопско успешно работно патешествие, повторно бев во мојот роден Охрид, и во тие денови како месеци, месеци како години и години како столетија, бев невработен, и јас и сопругата. Тазе вратени од Лондон (преку Скопје) во нашиот град Охрид, и двајцата невработени, со мал син.
Беше доцна во недела, а јас само што пристигнав од Тирана, каде што барав некоја театарска тезга, некоја корка леб. Стигнав дома, во Охрид. Сопругата ме пречека велејќи дека директорот на Охридско лето поднел оставка, и дека има отворен конкурс до утредента (понеделник) за нов директор на фестивалот Охридско лето. Кратко само изустив „Те молам љубов, остави ме да си се варам и пржам во мојава маст, сѐ е кажано и сѐ ти е познато“.
Утредента, после доручек и „инглиш брекфаст“ чај, сопругата ми рече повторно дека треба и мора да аплицирам на конкурсот. Повторно ја замолив да не ме „провоцира“, разбери ѝ реков, дека оваа наша селска кафана од држава не функционира како Британија, ова не е Лондон. Таму ме вработија и во нивниот Национален театар. Овде конкурсите се завршени уште пред да бидат отворени, сѐ е формалност, и партиите си се договорени, се знае дека ќе има 14 шиптари за директори и тоа е тоа и ти ми велиш јас како Албанец да аплицирам за директор на „Охридско лето“?!? Среде православниот, славјански Охрид, шиптар за директор… ајде молим те… не можам душевно да си приуштам пак да поминам низ тие омаловажувања.
Почна расправија каква што ја прават сите невработени сопружници во Македонија. Многу гласна. Дали ти човеку, можеш еднаш во твојот живот да се гледаш себеси во прв ред со тоа што си по професија, режисер, глумец а потоа дека си Албанец, барем еднаш во животот?
– Можам, за тоа и за таков се гледав во Лондон, тие ме гледаа како режисер, како глумец и за таков се гледав и јас, тука во Охрид, во Македонија не. Тука сум по професија Албанец, а сѐ друго е хоби.
Одеднаш секавица. Пљасссс. Пукна шамара. Женска шамара, ама јака, мајчинска шамара!
„Стани веднаш“, рече мојата насолзена љубов, „и оди да аплицираш за работа, да пробаш да донесиш плата за син ти. Опули го него и ќе имаш доволно желба и храброст“. Не можам да не признаам дека делумно беше во право, зборувам за тоа што го рече, шамарот е башка муабет.
Се насмеав гласно. Знаев дека еден ден, за оваа шамара, ќе направам филм, претстава или ќе напишам колумна. Беше зима на 2010 Господово лето во Охрид.
Се избричив тазе, се костумосав, се краватосав, си зедов многу угледно животописание, и после околу 100 чекори од дома, бев во канцеларијата на Анита Алоска, ве-де директорот на Охридско лето. Анита рече дека ме познавала и мене и сопругата. Епа супер, реков. Твојата познаничка, мојата сопруга, ми закачи една шамара и ме испрати да конкурирам на вашиот оглас. Нели јас сум во право а не таа, дека квотите за 14 Албанци директори во институциите се исполнети, и јас ќе аплицирам залудно?! Не, рече ве-де директорката Анита, такво нешто нема во законот, сите конкуренти се еднакви“. Еднакви ам како поинаку, си помислив, а шо прајме со мојата горчлива плунка која сѐ уште не е разредена в’ејзеро?
Дали можам, ја прашав, да му се јавам преку мојот телефон на Музафер Бислими, државниот секретар во Министерството за култура и да го прашаме дали законот во Македонија е посилен од партиските и индијанските племенски договори и тројцата преку интерфон да разговараме истовремено?!?! Добро, рече Анита, ако инсистираш. Инсистирав. Со господинот Музафер имавме една пријатна работна кафе средба, во која јас го понудив моите услуги и моето CV, и точно е дека ја споменав и нацистичката установа Охридско лето, во кое нема вработен ниту еден Албанец. Господинот Бислими ми вети дека ќе се доинформира и ќе види со Секретаријатот за имплементирање на Охридскиот договор т.е Канун. Тоа беше година дена уназад.
Му се јавивме на господинот Музафер. Да не должам, се искаравме по телефон. Јас невработен и лут, со празни дупнати џепови и нацртани пет женски прсти на мојот сурат, сакав да почнам војна со цело јуначко Арачиново, затоа што господинот мислеше дека сум стружанец, а ние охриѓани со стружани не се мирисаме, а и секогаш ме нервирало тоа што сите мислат дека Албанци има само во Струга а не и во Охрид. Ете, дури и самите Албанци мислат дека сите Албанци сме во трло, во гето и во Струга. Исклучивме телефон еден на друг. Сега Анита, ти кому ќе му се јавиш?
Јас ќе ѝ се јавам на Ќулавкова во министерскиот кабинет, да ја прашам уште колку време имаш до истекувањето на конкурсот. Се јави. Имав време до 16.30 минути. Шуќур си реков што Солун не е наш, ќе беше главен град на Голема Македонија, и кузнајТ дал ќе стигнев навреме до четири и пол попладне. Тргнав за Скопје. Во 16.10 минути бев пред Министерството за култура. Цело време размислував за Алфред Драјфус. Токму тој, францускиот артилериски офицер, со еврејско потекло Алфред Драјфус. Решив да бидам албанскиот Алфред Драјфус во Македонија. Моето вжестено лице, сѐ уште се сеќаваше на шамарот. Ако го почешаш увото со малиот прст, кој подолго памети, ушето или прстот?
Пред Министерството, беа сите директори на македонските театри, кои беа повикани на состанок од министерката Елизабета. Таму беа исклучителниот глумец и пријател Адем Карага, Драган Довлев (инаку пријател од најрано детство), Атила Клинче од Турскиот театар и прерано починатиот Бранко Ѓорчев. Се поздравив со сите, и се упатив во Министерството, немав многу време за здраво-живо. Влегов во Министерството. Знаев дека за Министерството на Груевски јас сум прво Албанец т.е шиптар и индијанец, а потоа режисер и глумец (колку убаво се римувало ова, сега приметив). За да им биде уште полесно и да не се збунат од мојот македонски, си ставив бела албанска капа ПЛИС на главата. Се претставив во портирницата, и им реков дека сакам да аплицирам на конкурсот за нов директор на фестивалот Охридско лето. Какви прекрасни траги-комични сцени во ходниците на нашето Министерство за култура.
Замислете, дошол еден шиптар, како индијански поглавица со своите перја, ја ископал културолошки својата уметничка воена секира, и бара да биде директор на Охридско Куково лето?! Ха ха ха…….Не верувате? Постојат и слики, кај Мијалков.
Сигурен сум дека успеав да им понудам интересен траги-комичен ден во Министерството за култура, од истиот тип на трагикомичен вид како сите наши трагикомични животи кои ги живееме секојдневно во нашата траги-комична Македонија. Јас само го послушав Георѓи Делчев. Јас културно во Министерство за култура презантирав само еден дел од албанската култура, белата капа плис по албански, пилеус по латински или пилос по грчки, која е симбол на слободата, либертас. Некој ќе рече цинично, си барал работа а си се молел Бога да не ја најдеш. Тоа е пролазен коментар, циничен, неинтересен. Ју ар мисинг д’ поинт мај френд, си чул за Алфред Драјфус? Ај, гуглај малу, да не заменам „г“ со „д“.
Невработениот маж, кој добива шамар од својата жена, можеби е беспомошен и со празни дупнати џебови пред неа, но пред целиот останат свет е балкански рис, и целиот свет го гледа како мала безвредна досадна мува. Епилогот го претпоставувате, бла бла бла … мижи Асан.
Денешново Министерство на култура не е исто како тогашното Министерство од времето на шовинистот Никола Груевски. Ова Министерство е од времето на Зоран Заев. Тој изјави многу големи и надежни зборови. Јас му верувам, иаку малку го зафркна Зијадин Села и пријателството од 27 април им фати длабок каријес и ризикува гингивитис, но таа работа е меѓу нив, сами нека си ја решат. Јас зборувам за оној Зоран Заев, кој заедно со Ципрас и Нимиц е номиниран за Нобелова награда за мир за нивните искрени заложби.
Не знам до каде е процесот за денацификација на фашо-фестивалот Охридско лето, не ме интересира, сѐ уште радарот не реагира на таа бившо-сегашно шовинистичко институциичиште. Вегера до нејзе има поинтересни понуди, и дури некое од печивата се и без месо, за тие што не јадат свинско, како пример евреите и муслиманите.
Слушам, читам дека деновиве имало големи дискусии околу тоа како реформското Министерство го поделило буџетот. Не можам да учествувам во дискусијата, не ми е јасно како функционираат работите, не можам да се отресам од чувствата кои ми ги буди таа институција, ја гледам сѐ уште како НЛО станица. Најинтересниот муабет ми беше оној на колегите Сашо Кокаланов и Ѕвездан Георгиевски.
Вчера јадев бурек после долго време и се сетив на една многу важна државна функција, таа на заменик премиер задолжен за реформи, во реформската Влада, таа што ја одби Села. Мислам дека Зијадин Села погреши, не требаше да ја одбие, но веќе рековме претходно дека им се разниша пријателството со Заев, и насмевката им фати сериозен каријес. Добро, нивна работа. А можеби и не е само нивна работа, пошто едниот е премиер за реформи, а другиот несуден заменик премиер за реформи… ах таа заедничка доверба, многу тешко се гради, но лесно се губи. Горе-долу за два месеци ќе биде првата годишнина на настаните од 27 април. Зошто на пример Заев и Села не одат заедно на еден бурек, и никој на никого да не го носи, нека го јадат таму, во бурекџилницата? И нека земат и јогурт, нек се почастат, годишнина ќе биде. Јас знам една бурекџилница каде после јадење ти нудат и сода бикарбона за стомачни киселини, бесплатно. Нарачуваш бурек со чашка јогурт, и ти носат и чаша вода со бикарбона.
Едно прашање до кандидатот за Нобелова награда за мир, премиерот Зоран Заев:
Дали функцијата на заменик премиер задолжен за реформи е сѐ уште во понуда?
п.с: Некни бев до Потпеш, дрвениот мост на Велија Рамкоски веќе сериозно се клатиТ. Ги опитав Каневчевци, ш’о не му пишеТ на Велија едно писмо, велет не мојме, немаме лице, се осешчаме кабаетлии, не го посетифне и не му пишафне в’затвор дур беше, тогај требаше, а многу пати закафне. Тешко ни е ш’о не го посетифне, ама да знаеш Агрон, дека секој божји ден по стотици убај молитфи, благослови и благодарности му каж’ваме за мостот шчо ни го изгради. И не само нам, тој мост е за цела Македонија, за секој кој доаѓа во Сфети Јон Канио, да го види Свети Јован Благоуст.