Последните случаи на злоупотреба на малолетни деца покажаа дека институциите за згрижување на децата, како и целиот систем за социјална заштита е тенденциозно разрушуван и дека треба од корен да се промени, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во интервју за весникот „Слободен печат“, која најавува сосема нов систем што ќе значи вадење на децата од институциите и нивно згрижување во мали семејни заедници.
Таа најавува дека од почетокот на наредната година ќе почне да се имплементира целосно нов Закон за социјална заштита, со кој ќе се зголемат социјалните трансфери, но на начин што најдобро ќе бидат згрижени најсиромашните. Таа најавува и новa реорганизиција на центрите за социјална заштита и нов Закон за работни односи. Царовска уверува дека пензискиот систем е стабилен иако Фондот за пензиско и инвалидско осигурување постојано се сервисира од државата. Сега, вели Царовска, го отшрафуваме системот за да може да го поставиме на здрави нозе.
– Засега се истражуваат три случаи, девојчето Р.И. и две сестри што од домот „25 Мај“ си заминале во 2015 година. Само наивните може да кажат дека не знаеле дека ова се случува. Системот вака функционирал со години и ги дава овие ефекти, тоа не е ниту е ново ниту е незнајно. Но за одговор на овој тип насилство и негрижа за децата не е виновна само една институција, туку мора сите да се повикаат на одговорност. Директорот на домот „25 Мај“ си поднесе оставка, но тоа секако не го амнестира од одговорност. Инспекцискиот наод покажа кој, каде и како потфрлил и ќе има прекршочни и кривични пријави. Прва инстанца на одговорност е на ниво на старател-родител, а старател е стручното лице во Центарот за социјални работи. Кога детето ќе му каже на старателот дека нешто се случило, ако тој не пријави, има кривична одговорност. Во овие случаи се утврди дека има моменти кога се пријавило дека има проблем, а детето било вратено кај родителот за тој да ја води постапката иако со судска одлука му е одземено родителското право, тука е најголемото прекршување. Потфрлањето на вработените во центрите за социјални работи не ги амнестира и другите институции во своите редови да ги испитаат работите, зошто се чекало толку време да се поднесе пријава до ОЈО и зошто ОЈО не покренало ништо.
Институциите за згрижување на децата од кадровски аспект навистина се донесени на минимум капацитет, а и кадарот што го има, не е доволно посветен на работата со децата, што може да се види и од досиејата на децата.
Системот за социјална заштита е тенденциозно разрушуван, а моја главна цел како министерка за труд и социјална политика е да изградам ефикасен и хуман систем. За да го постигнеме тоа, потребно е да се направат реформи на кои работиме откако јас и мојот тим сме дојдени во министерството и овој потрес што се случи во јавноста оди во прилог на политиката што ја креираме, политика за деинституционализација. Кога барав поддршка за оваа реформа, многу тешко се добиваше, но сега сите луѓе разбраа зошто тие големи институциите се застарен модел за згрижување деца што треба да се промени. Во март треба да донесеме Стратегија за деинституционализација, во која ќе вклучиме трансформација на „Ранка Милановиќ“ и на „25 Мај“, но и на другите домови за згрижување, како оној во Демир Капија и Бања Банско. Извлекувањето на децата од ова колективно живеење и сместувањето во мали групни домови дава можност да се работи еден на еден со тие деца, да имаа поддршка надвор 24 часа и да имаат модел на родител, што големите институции ниту го нуделе ниту го нудат – вели таа.
Царовска во интервјуто зборува и за тоа како ќе изгледаат малите групни домови.
– На половина од годината очекуваме првите деца да излезат од институциите не само од „25 Мај“ туку и од другите во Демир Капија, Бања Банско, затоа што секаде се прекршуваат човековите права. Мал групен дом е станбена единица, во која живеат пет деца со социјален ризик со поддршка на стручни лица, воспитувач, негувател, психолог, дефектолог, и се во постојана комуникација со централната самоуправа, училиштата, со центрите за социјална работа. Во однос на средствата за реализација на деинституционализација, во Буџетот за првпат имаме целосна линија за оваа намена во висина од 25.173.000 денари, но не сме сами во приказната, тука имаме поддршка од УНИЦЕФ и од УНДП и Техничка помош од ЕУ. Сето ова е комплексно, бара покренување цела машинерија за да почне да функционира, но земјите што го постигнале, дале многу поголем квалитет на социјална заштина – вели таа.
Царовска уверува дека пензиите и пензискиот систем се стабилни и дека средства за пензиите се обезбедени и тие ќе бидат редовно исплаќани без исклучок.