Трогателна средба од четири минути на мајка и син во Кина

734

Фотографиите полни со емоции покажуваат средба на мајка и нејзиниот син по долга разделба поради нејзината работа на Железница – пред повторната разделба во солзи.

Трогателна беше глетката кога вработена во воз и нејзиниот мал син конечно беа во можност да се видат по долгата разделба, пишува Трејси Јо за Дејли меил.

Но, долгоочекуваната средба траеше само четири минути на перонот во градот Јиан во Кина, а Зенг Ксинји и нејзиното дете Ксиао Ран се радуваа на секоја секунда помината заедно.

Тие се држеа и бакнуваа меѓусебно пред Зенг да се врати на работа во возот. Мајката беше облеана во солзи веднаш штом се затвори вратата на вагонот.

Зенг, кондуктерка и нејзиниот сопруг, готвач, работат за кинескиот железнички систем во провинцијата Фуџијан. Бидејќи мора да работат во ротирачки смени на различни правци на долги релации, тешко е да се грижат за нивниот мал петтогодишен син.

Затоа, тие одлучиле да го однесат детето во Јиан во провинцијата Јиангкси за неговите баба и дедо да се грижат за него.

Трочленото семејство ретко може да се сретне во една година. Кога родителите имаат одмор, тие треба да поминат осум часа во воз само за да поминат еден ден со малиот Ксиао Ран.


На 12 февруари – неколку дена пред лунарната Нова Година – на малиот Ксиао Ран му беше кажано дека возот на неговата мајка ќе помине на железничката станица во Јиан, каде што живее тој, следниот ден.

Возот ќе оди од Чонгкинг во југозападна Кина до Ксиамен во југоисточна Кина на 31-часовно патување, а ќе заастане во Јиан на четири минути.

Момчето инсистираше неговите баба и дедо да го однесат на железничката станица во Јиан, за да може да се сретне со мајка му за време на краткото застанување.

Веќе трета година тој не може да ја прослави лунарната Нова Година заедно со своите родители поради нивната работа.

Следното утро, момчето стана порано од вообичаеното, ги изми забите и се облече самиот.

Потоа се возеше со автобус околу 50 минути со баба му и дедо му за да стигне до железничката станица. Ксиао Ран рече дека е многу нервозен додека го чекаше возот да пристигне во 12:17 часот.

Штом возот запре, Ксиао Ран потрча кон неговата мајка која се симнуваше по скалите од вагонот.

Четири минути поминаа брзо и Зенг мораше да се врати во вагонот.

Потресената мајка му мавташе на својот мал син низ прозорецот. Ксиао Рон мавташе со рачето на мајка му додека возот не исчезна од погледот.

Ксиао Ран е еден од девете милиони деца во Кина кои се „оставени“ на село кај бабите и дедовците и живеат одвоено од своите родители поради нивното работно место во градовите. Децата се среќаваат со своите мајка и татко само неколку пати годишно.

Во повеќето случаи, овие т.н. „оставени“ деца ги гледаат своите родители само еднаш годишно околу лунарната Нова Година.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...