Третиот пол

Третиот пол денес е официјално признат во Австралија и Нов Зеланд, некои држави во САД, Аргентина, Индија и во Непал.

409

Долга е традицијата на балканското колоратурно и мангупско третирање на полот. Секогаш кога кај нас се именуваат полните органи многу ретко се мисли на оние вистинските, туку најчесто на оние со друго значење кое е општо прифатено меѓу граѓаните. На пример, кога треба да се опишат некои карактерни особини на некои личности, блиски или далечни, да се потенцира пластично некое дејствие или да се протестира по некоја одлука која не ни е по ќеф.

Долг и списокот на именките, глаголите, придавките и глаголските форми со кои ги частиме оние покрај нас а во исто време тие тоа ни го прават нам. Кога зборуваме за органот, но оној вистинскиот, обично сме тивки и се трудиме никој да нѐ чуе. Но особено сме гласни ако истите зборови ги употребуваме кога треба да го потенцираме она другото значење на истите. Не е нашиот докторски весник таков за да може потписникот да се опушти и да го истури сето она јазично и индентитетско богатство на изрази со кои нашите луѓе се частат себеси секојдневно потврдувајќи ја Гоцевата Раса како непресушен извор на вулгарна инспирација која е една и единствена во Европа и пошироко.

Но приказната околу полните органи и сексуалната определба не е ни оддалеку така едноставна како што тоа изгледа кога си ги повторуваме горенаведените термини ние „нормалните“ цврсто зациментирани во своите условно машки или женски позиции. За 1 до 5% од вкупното население во светот полните органи, сексуалната ориентација, половата определеност, името и местото во општеството се проблематични и многу често болни категории. За повеќето од нив претставува неподнослива тешкотија кога треба да го определат својот пол во официјалните документи кои го дефинираат нивниот граѓански статус како што е лична карта, пасош, здравствена легитимација во бинарниот систем на полова определеност каде постојат само две опции; маж или жена. Дека проблемот е далеку покомплексен отколку што навидум изгледа докажува и современата наука. Така колегите ендокринолози денес полот го дефинираат според 4 атрибути:

1. Присуство на соодветен машки или женски генотип ( ХХ, XY) –  хромозомски пол

2. Присуство на полов орган – генитален пол

3. Присуство на соодветни машки и/или женски хормони – хормонален пол

4. Присутна сексуална ориентација која се претпоставува дека доаѓа од психо-сексуалениот центар во хипоталамусот -психосексуален пол.

Значи да се определи дали некој е женско или машко треба да бидат потврдени сите горенаведени категории. Но секогаш не е така. Некаде во овој систем ќе се појави некоја различност, некоја варијација која ќе биде навидум едноставна за индивидуата, но ќе направи вистински хаос во општеството што ќе им го претвори животот на нашите несреќни сограѓани во пекол. Во цврстиот бинарен систем на полова определеност, овие лица длабоко ќе страдаат и тоа од аспект што во полот кој им е определен после раѓањето едноставно не припаѓаат. Ова страдање станува вистинско убиствено затоа што во просек секој 5-ти посегнува по својот живот. Во современата светска номенклатура денес опстојуваат повеќе облици на „различност“ или лица кои не припаѓаат на полот кој им е определен насилно следејќи ги само делумно категориите кои го определуваат истиот. Но никако не смее да се заборави дека во суштина се работи за нормални индивидуи во сите други сфери на живеење.

Оние што имаат среќа прават обид да го сменат полот во оној во кој припаѓаат користејќи ја хормоналната или оперативната медицина. Хирурушката промена на полот денес е пристапна метода која заедно со хормоналната терапија може успешно да трансформира маж во жена и обратно. Но тоа не е никако само козметички ефект, туку овозможува и задоволителна сексуална функција. Методата е комплицирана но остварлива и достапна денес ширум светот. На големата карта на Европа само во 4 земји хируршката промена на полот не е дозволена а тоа се: Албанија, Косово, Македонија и Унгарија (не е јасно откаде Унгарија во ова репрезентативно друштво?) и тоа наспроти строгите препораки на Советот на Европа и Европската Унија.

Сите останати земји методата ја спроведуваат и во многу од нив таа е сфатена како медицинска процедура која е неопходна. Според тоа, нејзините индикации јасно се знаат, некаде и трошоците се покриваат од локалните фондови, како и целокупната подготовка и следење на болните. Повеќето земји денес во Европа прават измени во цивилниот статус на индивидуите, односно го менуваат името (машко во женско и обратно), личните документи, изводот од матичните книги на родените и слично за да го остварат правото на секој да си го избере оној пол каде што припаѓа, пред сѐ, по чувство а не по своите полни органи или генетскиот код.

Оттаму полот и припадноста кон него станува социолошка, општествена и антрополошка категорија многу повеќе од медицинска. Ваквото ново сфаќање и однесување е диктирано од корпусот на основните човекови права кои се свети денес во современиот свет иако во старите источни цивилизации различната полова определеност надвор од бинарниот систем е позната и прифатена како нормална со векови. Западната цивилизација се покажа многу потврдокорна во однос на тоа да одбрани некои навидум традиционални вредности кои тоа не се. Форсирајќи ја половата чистота и строга полова диференцијација таа навлезе во флагрантно кршење на човековите права, ја исфорсира дискриминацијата осудувајќи милиони луѓе на страдања, губиток на цивилниот статус и е директен кривец за многу промашени и изгубени животи. Во целиот овој несреќен галиматијас посебна улога има и црквата, било да е католичка или православна, која со векови и сѐ уште диктира догматски пристап кон прашањето на полот, како и спрема сите припадници на ЛГБТ заедницата.

Третиот пол денес е официјално признат во Австралија и Нов Зеланд, некои држави во САД, Аргентина, Индија и во Непал. Во ноември 2017 година Уставниот суд на Сојузна Република Германија (Bundesverfassungsgericht) и официјално го призна постоењето на третиот пол како основно човеково право како прва земја во Европа воведувајќи трета графа во основните документи кои го регулираат граѓанскиот статус како што се изводите од матичните книги, личните документи и сѐ што тука припаѓа. Ние, овде на Балканот, уште долго ќе живееме во светот на „супермажјаците и чесните жени“ под будното око на светата Македонска православна црква а во исто време веќе 27 години избираме ситни „педерчиња“ да ни ја водат земјата.

Драги колеги, никој повеќе не ја знае вистината од нас самите. Останува додуша проблемот кој ќе ги лекува лицата со неопределен или трет пол, гинеколози или уролози! Но тоа, сепак, не е пречка силно да ги поддржиме нашите сограѓани кои се различни од нас.

А, на крајот од приказната, во општеството во кое имаме „среќа“ да живееме, кој знае дали сме ние или тие оние кои се различни?

д-р Нинослав Ивановски, објавено во Vox medici, март 2018

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...