Американскиот претседател Доналд Трамп ја прифатил поканата за средба со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг–ун, а местото и датумот ќе бидат дополнително договорени.
– Претседателот Трамп високо ги оцени убавите зборови на јужнокорејската делегација и претседателот (на Јужна Кореја) Мун. Тој ќе ја прифати поканата за средба со Ким Џонг-ун на место и време кои дополнително ќе бидат одредени. Очекуваме денуклеаризација на Северна Кореја. Во меѓувреме, сите санкции и максимален притисок треба да останат – изјави портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Директорот на јужнокорејската Служба за национална безбедност Чун Ејо-јо, кој ја предводи делегацијата во Вашингтон, претходно изјави дека Ким Џонг-ун ветил оти ќе се воздржи од нови нуклеарни и ракетни проби. Претставникот на Сеул рече и дека Трамп изразил желба да се сретне со лидерот на Северна Кореја до мај годинава.
Според Трамп, пак, постигнат е голем напредок со Северна Кореја, но санкциите против неа ќе останат до склучување на договор.
„Ким Џонг-ун зборувал за денуклеаризација со јужнокорејските претставници, не само за замрзнување на своите програми за нуклеарно оружје. Исто така, без ракетни проби на Северна Кореја во овој временски период. Постигнат е голем напредок, на санкциите ќе останат додека не се постигне договор. Средбата се планира“, напиша Трамп на Твитер.
Претседателот на Јужна Кореја Мун Џaе-ин изрази уверување дека средбата на високо ниво меѓу САД и Северна Кореја ќе претствува почеток на ослободувањето на Корејскиот полуостров од нуклеарно оружје. Според портпарол на претседателството во Сеул, Мун им се заблагодарил на Трамп и лидерот на Северна Кореја за нивната „тешка одлука“ да се сретнат.
Премиерот на Јапонија, пак, Шиндзо Абе веднаш по објавата за средбата телефонски разговарал со Трамп, при што било потврдено дека меѓународната заедница треба да продолжи да врши максимален притисок врз Северна Кореја.
Во изјава во Токио, Абе изрази надеж дека најрано следниот месец ќе може да ги посети САД каде со Трамп ќе разговара за Северна Кореја и други прашања.
– Ја поздравуваме промената во ставот на Северна Кореја – истакна јапонскиот премиер по повод сигналите дека Пјонгјанг е подготвен да разговара за условите под кои би се откажал од своето нуклеарно оружје.