Трајна е забраната за достава во Центар од 7.30 до 18 часот

Одлуката беше донесена како една од мерките со цел намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје.

340

Советот на Град Скопје на денешната осма седница ја усвои Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на град Скопје.

Со оваа одлука, времената одлука за забрана за запирање на возилата за доставување стока во централното градско подрачје во периодот од 7:30 до 18 часот, станува трајна.

За потсетување, во декември минатата година Советот на Град Скопје ја донесе времената одлука за забрана на застанување на возилата при дотур на роба во централното градско подрачје во периодот од 7:30 до 18 часот која имаше важност до 31 март. Оваа одлука беше донесена како една од мерките со цел намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, а истата беше предвидена и со „Препораките на Интервентната акциска група за итните мерки против загадување на воздухот“ донесена на ден 15.12.2017 година од Владата на Република Македонија.

Со оваа одлука се регулира сообраќајот во потесното градско подрачје кое е опфатено со следните сообраќајници: бул. Илинден (од ул.Франклин Рузвелт до бул.Гоце Делчев.); бул. Гоце Делчев (од бул.Илинден до ул. Лазар Личеновски); ул. Лазар Личеновски, бул. Никола Карев (од Лазар Личеновски до Беласица); ул. Беласица; ул. Никола Карев (од ул. Беласица до бул. 3-та Македонска бригада); бул. 3-та Македонска бригада (од ул. Никола Карев до ул. Пролет); ул. Пролет (од бул. 3-та Македонска бригада до бул. Македонија); бул. Македонија (од ул. Пролет до ул. Павел Шатев); ул. Павел Шатев (од бул. Македонија до ул. Јордан Мијалков); ул. Јордан Мијалков; ул. Васил Ѓоргов (од ул. Јордан Мијалков до ул. Франклин Рузвелт) и ул. Франклин Рузвелт.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...