To be or not to be

Добар ден МАНУ! Ако добро се одморивте после долготрајна хибернација, МАНУ јавете се со Ваше мислење околу овој горлив проблем со името и промена на Уставот. Дајте барем сега бидете корисни, гукнете што мислите – дали народот во Македонија треба да гласа на референдумот за промена на името и Уставот како цена за влез во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ! Бидете барем сега корисни на државата Македонија и народот и кажете го Вашето мислење онака гласно и јасно!

1342

Ова изрека на Шекспир ме потсетува на сегашниот момент во Македонија во поглед на решавање на прашањето со името. Моментално се чека телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас за дефенирање на конечниот текст на постигнатиот работен или нацрт договор (не знам во која фаза е) со одредување  конечно на изборот на името, најверојатно Република Северна Македонија. Но најголемиот проблем се поставува не во изборот на името „Северна“, „Нова“ или слично, отколку сите копја се бијат околу промена на Уставот поради името. Уште не се знае што се’ е договорено, ниту името на државата а веќе опозицијата мр’чи околу тоа дека не се согласни за промена на Уставот. На вечерашниот протест на опозицијата, партијата ДПМНЕ, ќе се чујат нивните ставови по прашањето за името, што однапред можат да се насетат дека ќе го прогласат Заев за предавник на македонските интереси и слично на тоа.

Претседателот Иванов (бил жив!) се јави и го охрабрува (!) Заев да доставил предлогот за водење преговори со уставна основа (!), нацрт на договорот, како и ставовите на делегацијата во водење на преговорите. Тој ќе изјави дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба како негов основен непроменлив принцип (!) и се залага за национален консензус за името (да не е малку касно!). Добро бре Иванов, добро спиеше за вре ме на целиот ток на преговорите, продолжи и понатаму да спиеш, и онака на никој не му е потребно Твоето мислење.

Премиерот Зоран Заев целиот се посвети на решавање на прашањето за името, успеа да се дојде до некој договор кој ги содржи сите потребни правни и технички прашања, па наместо пофалби за неговиот огромен придонес за договореното, очекувам дека ќе биде изложен на остри критики од страна на опозицијата и нејзините апологети. Заев  со право изјави дека граѓаните на Македонија на референдум ќе одлучат за името и промена на Уставот. Објасни дека со договорот е признат македонскиот јазик, кој е регистриран во 1977 година во Обединети нации и признат од Грчката влада на Мицотакис, не е доведен во прашање националниот идентитет на македонскиот народ. Ти да постигнеш договор со Грците, треба да се додели Нобелова награда! Браво за Заев!

Во преговорите што се видеа повеќе од 4 месеци се знаеше дека Грците нема да попуштат во нивните црвени линии, меѓу кои главната работа беше прифаќање на нивното барање за се вкупна употреба на името што ќе се договори, како за надворешна така и за внатрешна употреба поради кое се бара промена на Уставот. Ако се враќаме назад, покрај другото, глупата антиквизација   спроведувана од Никола Груевски е главната причина што Грците ги заострија нивните црвени линии, па така ревизија на Уставот, како што Грците ја нарекуваат промената, е директна последица на смешната антиквизација. Па сега опозицијата на место да се срами за тоа што го направи и/или да даде поддршка на договорот за името, таа ќе дига галама и ќе ја напаѓа Владата и лично премиерот Заев дека ги продале националните интереси  и слични глупости.

Сега да се вратиме на добрите и лошите работи од договорот за името и промена на Уставот, што треба да биде решавано на референдум. Прво ќе почнам од лошите работи. Да се разбереме, нема ниту еден човек во Македонија што сака промена на името – ТАКОВ НЕ ПОСТОИ! Само луѓето можат да се поделат на оние што реално ги гледаат работите и го прифаќаат она што е потребно и можно гледајќи во иднината на животот и втора група на луѓе кои не сакат да гледаат во иднината, во придобивките за кои ќе стане збор покасно, туку едноставно сакат состојбата да остане непроменета каква што е и се против промена на името. Всушност најголем број не се согласуваат со промена на Уставот што подразбира  употреба на договореното име, на пример Република Северна Македонија, за интерна употреба внатре во земјата. Секако дека тоа никој не го сака, но ако се земе во предвид дека без тоа нема договор, во таков случај треба секој Македонец да ја проголта ова тешка кнедла и да ги стави пред очи сите предности што следат од промена на името и за внатрешна употреба. Човек така е скроен што навикнува на се’, на лошо и на добро, па со тек на времето таа проголтана кнедла ќе ја заборавиме и ќе навикнеме на новото име и за внатрешна употреба.

Предностите од решавање на прашањето со името произлегуваат од членството во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ. Влезот о НАТО обезбедува безбедност на Македонија, бидејќи без тоа Македонија не може да се смета за безбедна земја во било кој поглед. НАТО е сигурноста а дека Македонија ќе опстане како самостојна  држава, со што може да се посвети на економскиот развој. Нели е подобро Република Северна Македонија да опстане како држава членка на НАТО, отколку да пропадне како Република Македонија?!

Понатаму, отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ дава неограничени можности за просперитет со крајна стратегиска цел преобразба на Македонија од Балканска во Европска модерна држава. Процесот на преговара трае повеќе од 5 до 10 години, во кој период  се прави усогласување на правната и друга регулатива со тие на ЕУ. Бенефитите кои можат да се очекуваат ќе ги поделиме на два дела; првиот дел економски ефекти и втор дел, правни ефекти.

На економски план, со почнување на преговорите се смета дека земјата е половина членка на Унијата, па така ги има на располагање пристапните европски фондови кои забрзано ќе ги зголемат инвестициите во земјата во индустријата, инфраструктурата и во сите сектори во земјата. Со тоа што земјата преговара за полноправно членство во ЕУ, многу странски инвеститори ќе се чувствуваат безбедни за да вложуваат во земјата. Странските инвеститори ќе се чувствуваат безбедни поради два значајни факта: прво,  членството во НАТО им дава безбедносна сигурност и второ, првана држава каква треба да се преобрази земјата на странските инвеститори и дава и правна сигурност за своите вложувања. Земете го примерот со ТИРЗ-овите. На странските инвеститори во развојните зони им се дава секакви даночни олеснувања, бесплатна инфраструктура и пак странските директни инвестиции во земјата се релативно мали затоа што тие не се чувствуваат сигурни за своите пари вложени во земјата. Да потсетиме, половина од „странските инвестиции“ во ТИРЗ-овите се испрани пари на домашни тајкуни.

На правен план, државата ќе се преобрази во првана држава во која законите ќе важат подеднакво за сите. Земјата ќе претрпи значајни реформи во судството и обвинителството за преобразба во комплетно правна држава и владеење на правото, под строг мониторинг на ЕУ. Некој ќе рече па ние и без ЕУ правиме  реформи во правосудниот систем спрема забелешките на Прибе. Тоа не е исто. Создавање на правна држава не е само хармонизација на законодавството со таа на ЕУ, создавање на правна држава подразбира комплетна имплементација на законите за сите подеднакво, што бара коренити промени во целиот правосуден систем. Тоа може да биде подолготраен процес строго контролиран од ЕУ.

Понатаму, Македонија како балканска земја е многу заразена со корупција и криминал. Во тој процес на преговори со ЕУ ќе ни биде наметнати такви решенија што корупцијата ќе биде сведена на прифатливо ниво за прво време, со тенденција на нулта толеранција на корупцијата подоцна. Корупцијата ја разјадува државата и таа мора да се сузбие од корен што е една значајна придобивка на секоја европска модерна држава членка на ЕУ.

Јавната администрација е посебна прикаска. Сегашната јавна администрација не само што е прекубројна, не ефикасна туку е партизирана и се користи исклучиво за избори. Тоа мора да се реши на начин што бројчано јавната администрација ќе се сведе на некое оптимално и рационално ниво, ќе се изврши комплетна дигитализација, ќе се промени профилот на вработените и што е најважно јавната администрација мора да биде крајно ефикасна. Во некое идно време ќе заборавиме за партизираната администрација која постои од самостојноста на Македонија до сега, во спротивно таа никогаш нема да се департизира. Вишокот на вработените во администрацијата ќе се преквалификува и ќе се вработи во реалниот сектор, кој поради силните инвестиции во него ќе ги апсорбира вишокот на вработени во администрацијата.

Сега голем проблем на Македонија претставува иселување на младите луѓе од земјата во странство. Кога ќе се сторат услови за вработување во земјата, кога во некое догледно време во иднина ќе се зголемат платите што е неминовен процес, младите луѓе ќе останат во земјата наместо иселувањето што сега се случува. Во прво време  можеби ќе има еден силен бран на уселување, посебно кога ќе влеземе како членка на ЕУ, но тоа се привремени иселувања со тоа што покасно тие ќе се вратат кога ќе се створат услови за вработување во земјата. Со време иселувањето ќе се стабилизира, ќе се сведе на минимум, тогаш кога во земјата може да се најде работа а тоа ќе се случи после силните инвестиции во земјата од странски капитал.

Да се разбереме, Македонија нема ниту природни ниту човечки ресурси самата да обезбеди одржлив економски развој, ниту пак, има капацитет самата да се преобрази во правна држава. Едноставно, без почнување на преговорите за членство во ЕУ, Македонија е осудена да остане во сегашна состојба, статус кво, без  просперитет и иднина. Иднината е исклучиво во ЕУ. Некој ќе рече дека со почнување на преговорите во ЕУ нема да влеземе во рајот, но ако останеме надвор од ЕУ сигурно ќе останеме вечно во пеколот! Која сака да живее во пекол?!

Добар ден МАНУ! Ако добро се одморивте после долготрајна хибернација, МАНУ јавете се со Ваше мислење околу овој горлив проблем со името и промена на Уставот. Дајте барем сега бидете корисни, гукнете што мислите – дали народот во Македонија треба да гласа на референдумот за промена на името и Уставот како цена за влез во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ! Бидете барем сега корисни на државата Македонија и народот и кажете го Вашето мислење онака гласно и јасно! Не се работи за дневно политичко прашање, за кое не сте, но се работи за стратегиско прашање:

TO BE OR NOT TO BE!

ДА СЕ БИДЕ ИЛИ ДА НЕ СЕ БИДЕ!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...