Врховниот суд одбил да ја даде свечената сала за судењето на најголемиот предмет на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – „Титаник“ кој се однесува на изборни измами и во кој се обвинети вкупно 21 лице на чело со Никола Груевски.
Барањето е поднесено од Кривичниот суд каде нема доволно голема судница за да ги собере обвинителите, обвинетите и нивните адвокати, како и новинарите и останатата јавност.
Причината, како што ни одговорија од судот, е што салата не е дадена за користење на Основниот суд Скопје 1 поради „потребите на Врховен“.
Претседателот на највисокиот суд Јово Вангеловски за Плусинфо вели дека тоа е свечена сала на Врховен, а не судница на Кривичниот суд и истата мора да се одржува. Во наредниот период, вели тој, таму ќе се одржуваат свечени настани, а за судења ќе се употребува само во предметите на Врховен.
Од судењата кои досега се одржуваа таму, посочува Вангеловски, салата се оштетила и треба да се заменат оштетениот теписон и седиштата, како и да се направи генерално чистење што е на трошок на Врховен.
Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, пак, најави дека на 31 март би можела да се пушти во употреба новата судска зграда, но неизвесно дали преселбата ќе се случи според планираното. Судењето за „Титаник“ е закажано за 2 април, во случај да не се пушти новата зграда на Кривичен, најверојатно рочиштето ќе се одржи во најголемата судница во зградата каде сега се наоѓа Основниот суд Скопје 1.
Истрагата за случајот под кодно име „Титаник“ е првата која СЈО ја презентираше јавно. Таа беше отворена на 12 февруари 2016, а на 30 јуни лани беше поднесен обвинителниот акт. Покрај Груевски, обвинети се и Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски…
Делата за кои се товарат се злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, уништување на изборен материјал.
Инаку, последните судења кои исто така поради големиот број на обвинети, адвокати и интересот на јавноста, се одржуваа во салата на Врховен суд беа оние за случаите „Монструм“ и „Диво насеље“.