Главната расправа во „Титаник“ не ни започна, судењето ќе продолжи за еден месец.
Адвокатите ги образложуваат нивните барања за одложување на денешното и наредните три рочишта. Во тие термини, како што информиравме, адвокатите бараат наместо судења, да вршат увид во доказите бидејќи тоа не го направиле во дел од нив испишани на 2.500-3.000 страници.
Обвинителката Лиле Стефанова рече дека тие имале доволно време да вршат увид и го оцени ова барање како обид за одолговлекување на судскиот процес.
– Тие имаа огромен број на работни денови во кои беа повикани да дојдат во периодот од 8.30-16.30 часот и да вршат увид. Тогаш тие испраќаа стручни соработници кои вршеа увид само по два до три саати – рече Стефанова.
Една од обвинетите, Билјана Бришковска Бошковска и нејзината адвокатка рекоа дека таа воопшто немала увид во доказите.
Обвинителката рече дека ги скенирала и во посебна папка и ги испратила, но обвинетата рачно на лист хартија и напишала дека докази прима само од судот и ги вратила.
Одбраната повторно бара да се изземат бомбите, а Стефанова вели оти за тоа веќе се изјаснил судот.
Судијата Османи Шабани за барањата за увид рече дека ќе ја одложи расправата и ќе им дозволи до 12 април секој ден да вршат увид во библиотеката на судот. Следното рочиште тој го закажа за 2 мај. Покрај ова, во текот на мај Шабани закажа уште 4 рочишта.
Во текот на рочиштето судијата ги опомена обвинетите во „Титаник“ да ги остават мобилните телефони и да не ги користат додека трае рочиштето. По неколку опоменувања, тој им рече дека повеќе нема да ги толерира и ако не ги остават мобилните телефони на наредното рочиште ќе нареди да им бидат одземени при влезот на судот.