Телата на планинарите пронајдени на надморска височина од 2.524 метри

131

Во акцијата за спасување биле вклучени 16 противпожарни службеници во четири возила, теренот бил непристапен и имало силна бура.

Телата на двајцата планинари кои загинаа на Кајмакчалан се пренесени во болницата во грчкиот град Јаница (Ениџе- Вардар), откако беа извлечени од спасувачките екипи, дознава МИА.

Смртта на 28 – годишната К.В. и 35 – годишниот А.М., јавува дописникот на МИА од Атина, ја потврдија и од грчката противпожарна служба.

– Вчера во 14.30 часот, беше известена и веднаш се активираше нашата служба за спасување на две лица, кои исчезнаа на врвот од планината Ниџе. Поради лошите временски услови, силната бура и непристапноста на теренот, обидите за пронаоѓање беа залудни и продолжија и денес. Во акцијата за спасување беа вклучени 16 противпожарни службеници во четири возила. Спасувачки екипи од противпожарната служба, со специјално возило, ги лоцираа исчезнатите лица на надморска височина од 2.524 метри и со специјална планинарска опрема пристапија и ги извлекоа мртви, 28 годишната К.В. и 35 годишниот А.М. Телата во 13.30 часот денес беа предадени на итната помош, соопштија од грчката противпожарна служба – објави МИА.

Починатите биле членови на планинарскиот дом „Трансверзалец“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...