Tројца кавадарчани добитници на наградата 7 Септември

506

Советот на општина Кавадарци денеска донесе одлука со која тројца кавадарчани го добиваат највисокото општинско признание, наградата „7 Септември”. Од областа на културата наградата ја добива Страшо Темков – флејтист, од областа на спортот професорот по физичко воспитување Димитар Пецов и од областа на музиката, седмосептемвриска награда ќе ја добие Александар Ангелов од групата „Дрим тим“.

Наградите ќе бидат доделени на свечената седница на Советот на општина Кавадарци на 7 септември, денот на ослободувањето на градот.

– Наградата „7 Септември“ се доделува на физички и на правни лица за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, за посебен придонес за развојот на општината и нејзиниот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот, појаснуваат од Службата за односи со јавноста при локалната самоуправа.

На ученици и студенти, наградата се доделува за творечки труд или континуирани, успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.

Наградата за физички и правни лица се состои од диплома и плакета.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...