Од Владата денеска информираа дека до крајот на месецов ќе се знае почетната финансиска конструкција за изградба на новиот клинички центар по завршување на физибилити студијата и доколку се исполни панираната динамика неговите темели ќе се стават до крајот на годинава.
Физибилити студијата ја изработува АХАСЕ, австриската агенција за здравство, во согласност со меморандумот меѓу австриското Министерство за техника и нашето Министерство за здравство што е бесплатна техничка помош.
– Оваа физибилити студија ќе биде завршена до крајот на мај и ќе се знае точната финансиска конструкција која во текот на времето може да претрпи измени, но почетната ќе се знае до крајот на мај. Тоа што две недели порано го иницираме процесот значи дека нашите институции во овој период ќе се обратат до меѓународни финансиски организации и меѓународни банки за изразување интерес – информира портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, по вчерашното усвојување на информацијата за изградба на клиничкиот центар на владина седница.
Бошњаковски додаде дека доколку се задржи оваа динамика до крајот на оваа година ќе се стават темели на новиот Клинички центар. Се планира тој ќе биде на пет нивоа на вкупна површина од 102 илјади метри квадратни, ќе има околу 1.300 болнички легла, 20 операциони сали, четири ангиографски сали, 65 амбуланти за специјалистичко-консултативни дејности.
Тој појасни дека на вчерашната седница задолжено е Министерството за финансии во соработка со Министерството за здравство да изготви барање за изразување интерес за заем до финансиски институции и билатерални кредитори и странски комерцијални банки за финансирање на изградбата на новиот Клинички центар. Истовремено, министерствата за здравство и за транспорт и врски се задолжени да ги дефинираат надлежностите на јавните претпријатија со цел непречено и навремено да се реализира изградбата на новиот Клинички центар во месноста наречена Велеполе во општина Ѓорче Петров.
На барање на Собранието Владата врз основа на мислењето подготвено од Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Министерството за финансии даде негативно мислење за Годишниот извештај за работата на Македонската радио телевизија имајќи предвид дека јавниот радиодифузер во 2018 година завршил со негатива од 26 милиони денари.
– Дополнително Владата утврди дека Националната радио телевизија не ги исполнува професионалните и етички новинарски стандарди за обезбедување уредувачка независност, непристрасност и објективност кои произлегуваат од членот 111 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и по препораките на извештаите од Европската унија за реформи за остварување на целосна независност на јавниот радиодифузен сервис – нагласи Бошњаковски.